X
 21.11.2016 Живот

После Брегзит и Трамп, предреферендумска Италија е новото популистичко бојно поле

Многумина сметаа дека после Брегзит и Трамп, наредниот политички „потрес“ во светот ќе бидат претседателските избори во Франција во 2017 година, но го превиделе референдумот за уставните реформи во Италија што треба да се случи на 4 декември.

Целта на референдумот е подобрување на ефикасноста на Парламентот (намалување на моќта на Горниот дом и намалување на бројот на пратеници), на изборниот систем и доделување поголема моќ на извршната власт, во име на воспоставувањето политичка стабилност во Италија.

Матео Ренци, премиер на Италија

Законодавна каша

Ако поголемиот законодавен дом значи поголема демократија, тогаш италијанскиот парламент е навистина претставителен во таа смисла, и со 951 член претставува трет најголем парламент во светот. Но, со својата комплетно изедначена дводомна сила, значи дека законодавството е заглавено во еден бескраен пинг-понг бикамералистички процес.

Наизглед, изборот се чини едноставен: „ЗА“ гласовите би го зацврстиле владеењето на централно-левата Демократска партија на Ренци и би го намалиле политичкиот неред, додека, пак, гласовите „ПРОТИВ“ ќе го потврдат досегашното политичко уредување и ќе ја оневозможат акумулацијата на моќта во извршната власт.
Експертите во Италија сметаат дека Ренци со својата изјава за повлекување од премиерската позиција доколку луѓето се изјаснат „против“ референдумските прашања, го претворил уставниот во политички момент, и дека најверојатно тоа ќе биде погубно за неговата политичка кариера.

Моменталната ситуација во Италија е во секој случај незавидна за Ренци, а во тек со светските политички трендови. Имено, расположението на гласачите пред 4 декември е главно „против“ уставните реформи, а Ренци е притиснат од двете страни: од десно од италијанскиот Трамп – поранешниот премиер Берлускони кој е против Демократите, а од лево од новоформираната про-лева популистичка партија, Движењето „Пет ѕвезди“, што се изјаснува за задржување на статус-квото.

Политичките аналитичари потегот на Ренци го сметаат за политички аматеризам, од проста причина што премиерот го користи референдумот за зацврстување на личната самодоверба, поради што се соочува со негодување во рамки на својата партија. Но, загрижувачки е што сите политички актери од спротивставени идеолошки страни, освен што се обединети во ставот „против“ уставните реформи и премиерот Ренци, за сè останато немаат заеднички јазик, што може да значи дополнителна политичка криза, ако референдумот резултира со оставка на Ренци.

Наездата на популизмот треба да ја загрижува и Италија, вели професорот Верцикели и додава: „Ефектот ‘снежна топка’ на популизмот на левицата и на десницата, може да го претвори прашањето ‘за остварување технички промени во систем што главно ќе остане непроменет’ во ‘нов период на економска неизвесност во земјата чиј долг е 135% од висината на брутодомашниот производ’.“ 


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот