X
 03.12.2016 Култура

Зошто Кинезите до пред 105 години мораа да носат плетенка на главата?


Човек свртен со грб, носи манџуриски перчин на главата.

Манџурискиот перчин, што некогаш го носеле мажите во Кина, бил специфичен вид на фризура: косата на темето и тилот била долга и сплетена во плетенка, а предниот дел на главата и челото се бричеле секои десет дена.

Џурџи, народот што во средината на вториот милениум бил реформиран и обединет со своите соседи во нов народ денес познат како Манџури, го практикувале овој обичај уште од 12 век и оттогаш се обидувале да го наметнат како обичај на Хан Кинезите - најбројната етничка група на светот (во потесна смисла на зборот).

Нивните потомци, Манџурите, биле упорни во тој поглед. Кога во средината на 17 век манџурискиот владеачки клан, Аисин Џоро, ја срушил ханската династија Минг и седнал на тронот на царска Кина како нова династија Чинг, било наредено сите мажи да  ја практикуваат манџуриската фризура.

Со оглед на победата на манџурискиот водач Нурхачи, откако им ветил награди, титули и манџурски благородни жени, голем број хански генерали го издале Големиот Минг и прешле на негова страна. За нив тоа бил мал и симболичен чекор.

Но, не и за другите Хан Кинези, кои добро знаеле дека манџурискиот перчин е симбол на покорност и ропство. Казната за тие што одбивале да ја прифатат фризурата била – смрт.

Традиционално, Хановите не ја сечеле својата коса од филозофски причини, затоа што Конфучие напишал дека „своето тело, косата и кожата сме ги добиле од родителите, и не смееме да ги оштетуваме“, и дека „тоа е суштината на детската должност“. Затоа Хановите ја пуштале својата коса и од неа правеле различни фризури, иако најпопуларни биле пунџите.

Овој указ на кнезот-регент Доргон предизвикал жесток отпор, но направена била една кардинална грешка: имено, Доргон признал дека следбениците на Конфучие можеби имаат право да го одбијат указот, но мнозинството на хановите службеници го цитирале традиционалниот Систем на обреди и музика донесен во текот на владеењето на династијата Минг. Затоа Доргон си го поставил прашањето: ако тие не сакаат да го следат нашиот Систем на обреди, туку минговиот, каква е нивната вистинска мотивација?

Затоа го објавил слоганот „ако не го избричете челото - ја губите главата; или избричете го челото и сочувајте ја главата“, и започнал брутална репресија.

На Манџурите им требале десет години да им го наметнат перчинот на сите Ханови во цела Кина, иако интересно е дека тие самите не биле единствените кои спроведувале терор и кои вршеле егзекуции на непослушните и непокорни поединци.

Тоа го правеле и хановите предавници, како што е примерот со генералот Ли Ченгдонг, кој на своите трупи им наредил три засебни масакри во градот Џиадинг, при што загинале десетици или стотици илјади луѓе, а последниот напад го опустошил градот.

Големиот кинески писател Лу Сјун, кој творел во почетокот на 20 век, го опишал сето ова со зборовите: „Всушност, кинескиот народ не се бунтувал заради тоа што земјата била на работ на пропаст, туку затоа што морале да носат плетенки.“

Единствено тао-свештениците и будистичките монаси, од религиски причини биле изземени од оваа обврска, како и муслиманите во западна Кина, кои не се сметале за Ханови.

Меѓутоа, перчинот бил единственото својство на манџуриската култура што династијата Чинг им ја наметнала на Хановите, без разлика што се користел како алатка за надмоќ и за бруталноста што се применувала на тој начин.

Бидејќи единствената цел на манџурискиот перчин била Хановите психолошки да се држат во покорност, кршењето на оваа царска заповед станало симбол на револуцијата и анти-чинговите идеали и движења. Пример за ова се Бунтот на Белиот лотус и Таипиншкото востание – најкрвавата граѓанска војна во човековата историја што однела 20 милиони животи, а ја започнал преминатиот во христијанската вера, Хонг Сјиучуан.

Сјинхајската револција од 1911 година преку ноќ ги изменила нештата. Манџурискиот перчин не само што веќе не бил задолжителен, туку станал непожелен, затоа што симболизирал заостанатост, глупавост и покорност на оној што го носи, но и верност кон Чинг кој ја изгубил власта.

Практично, преку ноќ, Хан Кинезите со отсекувањето на манџурискиот перчин комплетно го промениле изгледот на косата, воедно кинејќи ги и оковите на ропството. Можеби ова е единствениот случај во историјата каде оковите се носеле на главата наместо на рацете.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура