X
 10.12.2016 Економија

Од 15-ти декември нови банкноти... Што се крие на новите банкноти од 200 и 2000 денари?

Народната банка на Република Македонија од 15 декември годинава ќе ги пушти во оптек книжните пари во апоени од 200 и 2.000 денари, а истовремено ќе ги повлече од оптек банкнотите од 5.000 денари.



НБРМ информира дека одлуката за издавање книжни пари во апоени од 200 и 2.000 денари е произлезена од реално согледаната потреба за ребалансирање на постоечката апоенска структура на книжните пари во оптек.

Банкнотата од двесте денари ќе ја красат мотиви од релјеф со претстава на старозаветниот 41. Давидов псалм кој припаѓа на препознатливите винички теракотни икони, едно од најзначајните археолошки откритија во Македонија. На истата страна во левиот агол ќе биде прикажана раносредновековна прстеста бронзена фибула од почетокот на VII век, пронајдена во околината на Прилеп.


 

1

 

На задната страна ќе има елементи од челната фасада на „Шарената џамија“ во Тетово. Оваа џамија е значајна по своите внатрешни и надворешни сликарски декорации како и по зачуваниот амам кој денес е претворен во уметничка галерија, а ќе биде надополнета со елементи од декорацијата на мермерните подни плочи на „Исак џамија“ во Битола.

 

2


На предната страна на банкнотата од две илјади денари, ќе има македонска невестинска носија од Прилепско Поле. Оваа носија во минатото била една од најдекоративните и истовремено и најтешките носии кои ги носеле жените во Македонија, која важела за една од највпечатливите носии и одраз на богатството на фолклорот во Македонија. На истата страна ќе има афионова чашка, откриена во Сува Река, Гевгелија.

 

3

 

Задната страна на банкнотата од две илјади денари ќе има декорација од позлатен сад, кој потекнува од XVI век, а во центарот се наоѓаат два пауна обиколени со раскошна декорација.

 

4



Деловните банки во Република Македонија ќе ги заменуваат книжните пари со апонска вредност од 5000 денари од 15 декември 2016 година до 28 февруари 2017 година, а од 1 март 2017 година нивната замена ќе се врши од страна на Народната банка на Република Македонија.

За соодветно да се вклучат во системот на готовинското работење и заради непречено одвивање на готовинските трансакции, со новите апоени нивното пуштање во оптек е предвидено за 15 декември 2016 година. Во меѓувреме, временскиот период од пристигнувањето на книжните пари до нивното пуштање во оптек ќе се искористи за едукација и запознавање со основните карактеристики и заштитни елементи на книжните пари на вработените во банките и другите финансиски институции. Исто така тоа е време во кое можат да се спроведат и активности за приспособување на софтверските модели на машините за обработка на книжните пари, банкоматите и останатите автоматизирани машини за самопослужување коишто работат со готовина, што ќе овозможи непречена циркулација на новите апоени.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија