X
 24.12.2016 Живот

Интервју со најдобриот атлетичар Дарио Ивановски: Државен првак во шест дисциплини и двоен рекордер!

Оваа година е дефинитивно негова. На само 19 години Дарио Ивановски од Скопје е најдобриот атлетичар во земјава. Во дури шест атлетски дисциплини тој е прв, а сосема случајно влегол во убавините на кралицата на спортовите. Почнал со борачки вештини, а сега е страв и трепет за атлетичарите кај нас. Завршил средно фискултурно и одлучил целосно да ѝ се посвети на атлетиката. Засега не гледа предизвик во маратонот (42 км) и вели дека би се обидел за десетина години. Спортскиот комплекс „Јане Сандански“ го прогласи за најдобар спортист на годината. Ивановски лани беше најбрзиот Дедо Мраз, а се надева дека и на утрешната трка ќе може пак да се пофали со таа титула.



Факултети.мк: Може слободно да се каже дека 2016 година беше твоја година. Ајде да ги потсетиме читателите што сѐ постигна оваа година на спортски план?
-Да, дефинитивно беше моја година. Пред сѐ, станав државен првак во шест дисциплини, од кои во две поставив и државен рекорд стар 20 години. Државен првак сум на 800 м до полумаратон и сѐ уште го држам рекордот на 1000 м. Исто така, имав настапи за репрезентацијата и многу други меѓународни натпревари, од кои најмногу бев посветен на дисциплината на 3000 м. Постави рекорди на 1000 м (2:28) и на полумаратон (1:11.14). Еве ги другите успеси: 800 м (1:53), 1500 м (3:55), 3000 м (8:43), 5000 м (15:40), 10.000 м (31:50).

Факултети.мк: Имаш само 19 години. Како атлетиката стана твоја страст?
-Пред да почнам со атлетика професионално се занимавав со борачки вештини. Во борба имав повреда на рамото и морав да мирувам. Додека заздравував, рекреативно се занимавав со трчање колку да ја одржам формата. Тогаш го запознав мојот сегашен тренер Игор Јакимовски, кој е маратонец. Со само две недели заеднички тренинг, тој го почувствува мојот талент, со ветување дека доколку продолжам со трчање, ќе постигнам голем успех. За кратко време тоа и се случи, станав рекордер на Македонија!

Факултети.мк: Како изгледа еден твој ден? Колку часа тренираш?
-Тренирам двапати дневно. Наутро го правам главниот тренинг, а во вечерните часови правам лесни вежби, вежби за истегнување и затегнување на телото и трчам. Се хранам здраво и редовно бидејќи храната која содржи многу витамини е еден од главните фактори за успех. Можам да кажам дека сум целосно посветен на тренингот, исхраната и на одморот.



Факултети.мк: Како би ја оценил атлетиката во Македонија? Покажуваат ли младите интерес за неа?
-Атлетиката во Македонија, за жал, не е застапена кај младите, а има многу таленти. Атлетиката е многу добра за правилен раст и развој на човечкото тело. Моментално мојот тренер Игор Јакимовски, освен мене, тренира уште 12 млади надежни спортисти во клубот „МС running team“. Работиме сложно и сите сме како еден. Ние сме како фамилија.

Факултети.мк: Сѐ повеќе луѓе кај нас одлучуваат да спортуваат, а посебно да трчаат рекреативно. Дури и да е од мода, пак е добро. Се согласуваш?
-Да, целосно се согласувам. Трчањето, според мене, е една од најдобрите работи бидејќи со само едно рекреативно трчање денот станува поубав и исполнет.



Факултети.мк: Не работиш, а си целосно посветен на атлетиката. Имаш ли поддршка?
-Родителите отсекогаш ми помагале, земам стипендија од Агенцијата за млади и спорт (скромни 4.500 ден., н.з.), имам спонзори што помагаат, а најмногу мојот тренер.

Факултети.мк: Што те очекува во 2017 година? Имаш ли некој сон што сакаш да го реализираш?
-Целта ми е да поставам државен рекорд на 3000 м во сала. На 25 февруари се одржува Балканско првенство во Белград и се стремам за резултат под 8 минути и 36 секунди, секако со медал на Балканот.

Факултети.мк: Ќе учествуваш ли и годинава на Дедомразовската трка?

-Со големо задоволство ќе учествувам. Ја сакам Дедомразовската трка. Чувствувам радост и позитивна енергија кај луѓето и секако сакам да бидам најбрзиот Дедо Мраз.




Подготвил: С.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот