X
 16.01.2018 Култура

Трагичната приказна позади песната „Зомби“ што ги прослави „Кренберис“

Светот на почетокот на годината (15.01.2018) го потресе веста за смртта на 46 годишната Долорес О'Риордан од групата „Кренберис“. Нејзиното семејство, пријателите и фановите на оваа група беа шокирани, а на социјалните мрежи се споделуваа впечатоци, сеќавања на омилената песна на оваа група и нивните концерти.

Меѓу останатото, се пишуваше и за еден хит со кој ирската група стана популарна.

Иако „Кренберис“ веќе беа во подем благодарение на баладите „Дримс“ и „Лингер“, експлозивниот хит „Зомби“ им донесе меѓународен успех, со кој пејачката Долорес засекогаш го остави својот печат.

долорес
Фото: АР

Жестокоста на песната има смисла. Во песната се пее за насилството што се случувало во Северна Ирска.

На 20 март 1993 година ирските републиканци поставиле бомба во канта за ѓубре во Ворингтон. Бомбата експлодирала и убила две деца на 12 и 3 годишна возраст, а повредила многу луѓе. Од нападот беше згрозена целата Велика Британија, Ирска и пејачката Долорес.



Во едно интервју таа објаснува како совршено се сеќава на трагедиите што се случувале во тоа време. „Се сеќавам дека бев на турнеја и дека бев во Велика Британија во периодот кога починаа децата, така што сето тоа прилично ме погоди. Бомбите беа поставувани на секакви места. Жртва можеше да биде било кој“, вели таа додавајќи дека песната е доста тешка за пеење.

„Зомби“ ја напишала сама, на паузите за време на турнејата. Песната оригинално е напишана за акустична гитара, но направена е и за електрична гитара со што стана чиста рок песна. Неофицијално, Долорес рекла дека ова е најагресивната песна што некогаш ја напишала.

И самиот спот за песната е доста интересен - пејачката се појавува целосно покриена со златна боја. Режисерот на овој спот, Семјуел Бајер, кој работел и со „Нирвана“, во спотот вметнал снимки од војници и деца на улицата на Северна Ирска.

Откако во 1994 година излезе песната, веднаш се најде на прво место на листите на многу земји, а рекордна продажба беше забележана во Австралија и Германија.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура