X
 18.02.2017 Издвојуваме

Кога бев студент... Со Петар Георгиевски - Камиказа: Да ги избричам мустаките или да ја напуштам Академијата?

Петар Георгиевски или Перо Камиказа е инспиративна личност со толку многу приказни и анегдоти за кои ви се чини дека им се случувале на повеќе луѓе, а не само на еден човек. Неговиот немирен дух го одвел низ многу искуства, но секогаш бил бунтовник со причина. Тој е основачот на славниот бенд „Меморија“, чиј автор на текстови е, нема што нема работено, денес е менаџер, а трчањето му е страствено хоби. Многумина не знаат дека тој всушност е дипломиран актер на Факултетот за драмски уметности, но и дека има завршено и на Психологија! Токму по негова иницијатива „Меморија“ годинава се обединува и ќе има концерт на 18 ноември во Скопје.



Дека се чудни патиштата на судбината,покажува и примерот на Камиказа. Можеби да не била неговата професорка по македонски јазик во гимназија да го открие неговиот талент за пишување, „Меморија“ и едни од најубавите македонски песни на сите времиња немаше да бидат напишани. На интересен начин го добил и прекарот Камиказа – тренирал гимнастика во основно школо и на натпревар на прескок добил оценка 9.8, со што веќе ќе бил прво место, но сакала 10-ка, па при повторниот обид паднал и искршил две ребра. Тогашниот тренер му рекол: „Што правиш глупости ко Камиказа, сега како ќе извежбаш уште три справи, магаре инаетливо...“ Другите деца од екипата го завикале Камиказа, надимакот по кој и денес е препознатлив. .

Пред да преминеме на студентските денови, Георгиевски се потсетува на средното школо, кое се покажало клучно за некои избори во животот.

-Како гимназијалец бев доста немирен, правев еден куп бели, воопшто не бев добар ученик, ама бев добар спортист и се покажа дека сум имал и талент за пишување поезија. Во втора година гимназија, професорката по македонски јазик Татјана Бига ни даде задача да напишеме расказ на тема - пролет. Со мојот лош ракопис ишарав две-три страници и го предадов писанието со хиероглифи :). Наредниот ден ме повика кај неа во канцеларија и ме праша дали и другпат сум пишувал. А јас ја прашувам: „Пак ли нешто не чини?“ А таа ми вели дека освен лошиот ракопис и запирките, во расказот сѐбило одлично, и пак прашува: „Си пишувал ли нешто друго?“ За да не ме задржува повеќе, ѝветив дека ќе ѝ ја донесам песнарката со песни напишани во осмолетка и гимназија. Така и би, наредниот ден ѝ го предадов споменарот-песнарка што сум ја чкрабал низ годините. По два дена повторно ме покани во канцеларија и ме праша дали би одел на поетско читање да ја претставувам гимназијата. Тогаш се сепнав и ѝ реков: „Ако разберат другарите од маало за поезијата, ќе ме скршат од зезање, ама бидејќи сте вие во прашање и сте првата што тврди дека имам некаков талент, ќе прифатам. Само ве молам никој да не знае од школово. Отидов на поетското читање во Кавадарци и освоив второ место како млад поет . Ова не можев да го сокријам и цело школо ме утепа од зафрканција, особено маалските шабани, арно ама кај женските добив на тежина. Секое зло за добро. Тогаш, во гимназија сѐуште трчав, пливав и играв ракомет и други спортови. Професорката по физичко Ружица ме обожаваше, а сега и проф.Татјана Бига по македонски јазик беше на моја страна – се потсетува.



Кон четврта година си зацртал да стане режисер. Упорно одел во Кинотеката на Македонија, гледал многу филмови и читал литература за историјата на филмот. Ја избрал Академијата во Лоѓ, Полска.

- По завршувањето на воениот рок, во Лоѓ од околу 400 кандидати влегов во потесниот круг… последниот дел од испитот го дочекавме со тенковите на улица испратени од тогашниот претседател на Полска, Јерузелски, и без разлика на положениот испит, среќата не ми се насмеа да станам режисер. Таа година студиите беа одложени за наредната. Бидејќи по природа сум нестрплив, разбрав дека на ФДУ во Скопје има уште една приемна сесија и за неколку дена се спремив и се јавив на приемен на отсек актерство, бидејќи тогаш друго и немаше во Македонија. Со мојот комшија - актерот Божо Софрониевски набрзина припремивме рецитал од Жак Превер и извадок од „Ричард Трети“ од Шекспир, за кого морам да бидам искрен првпат слушнав од чичко Божо, Господ да го прости. На приемен (1981 год) поминав одлично и станав еден од 11-те примени студенти-глумци во класата на проф. Димитрие Рули Османли – се потсетува Камиказа.

„Еве го! Роден Џанкарло Џанини!“ – довикал некој од комисијата, дури тој рецитирал стихови од францускиот поет.



-Тоа да ти бил познат италијански филмски глумец. Јас не знаев за кого се работи, но добро звучеше и ме наполни со самодоверба. Така парчето од „Ричард Трети“кое најмногу ме плашеше, го изведов такаречи бравурозно, со што го задоволив критериумот на тогашниот бард на македонското глумиште - Вукан Диневски, кој беше во комисијата заедно со Татјана Петковска, професорка по сценски движења и танци, а која по проверката рече дека имам исклучително чувство за ритам и дека сум музикален. Тогаш бев сигурен дека сум го положил приемниот. Професорот Османли ќе ми остане во длабоко сеќавање како мој прв и најдобар професор на ФДУ бидејќи сета самодоверба што ја имав ја добив токму од него…- дека ќе станам добар артист – вели Петар.

Но,веќе во втора година на факултет почнува да му се случува пресврт, откако „налетал“ на новопримениот доцент по актерска игра Владимир Милчин, со кого до крајот на студиите водел отворена војна на мислења,која неколку пати прераснувала во отворен конфликт.

-Јас бев слободоумен, а тој беше наметлив и секогаш требаше неговото и само неговото мислење да биде… но тоа кај мене не проаѓаше. Е, арно ама, во сета неволја имаше и добра страна. Во трета година ме натера да ги избричам мустаќите, поради што сакав да ја напуштам Академијата затоа што замислете: Перо Камиказа без мустаки и да игра женско?! Имав два избора, или да го решам него или да си одам од Академијата. Бев спремен за ова второто кога во главна улога влезе мојот денешен кум, а тогаш асистент на класата, актерот Данчо Чеврески. Тој ми рече: „Многу пати во овие две години беше ти во право и стоев на твоја страна. Овој пат не си. Глумец мора да биде спремен на сѐ, да се потстриже лустер, да се избричи, да пушти брада и сѐ што режисерот ќе побара од него. Размисли, ама што и да направиш освен да го прифатиш она што се бара од тебе ќе биде глупост. Овој пат не е каприц, туку барање на режисер од глумец и проф.Милчин е сосема во право.“



Ноќта преспав, сабајлето ги избричив мустаките и кога се погледнав во огледало, во прв момент личев на задник, на Академија се скинаа од смеење кога ме видоа без мустаки, задачата - женски лик успешно ја одиграв и можам да ви кажам дека од тој момент веќе не носев мустаки (благодарение на мојот „омилен“ професор). Видете, во животот секое зло за добро.

По десетина часа дневно поминати редовно со колегите следувала дружба во бифеата на театрите – Драмски и МНТ.

-Мене некако повеќе ми се допаѓаше МНТ. Таму го запознав Ристо Шишков и бев фасциниран од неговата глума, а разочаран од неговиот начин како се убива во бифето на театарот. Тогаш го запознав и режисерот Бранко Ставревски и еден куп други значајни глумци кои понатаму во животот ми станаа и лични пријатели. Неколку пати бевме и кај професорот Милчин дома, каде што бев фасциниран од неговата библиотека, а особено од неговата голема колекција на плочи. Во тие мигови на искреност му го заборавав целиот лошотилак и гледав нешто добро и во него. Не може човек со толку преслушани плочи и книги да биде толку серт… Мора нешто длабоко да го погодило во животот.



Камиказа се навраќа на дипломската работа. Вели дека играл по свое, а не како што се подготвувале со колегите и професорот.

-Дипломската работа во која игравме главни улоги со алтернација со Ванчо Ѓошевски, по мачните проби кои траеја со месеци, резултираа со исклучително редок, ако не и единствен пример: целата дипломска претстава ја играв по мое, а целата режисерска поставка ја направив кармакаша. Ги збунив колегите, за што денес им се извинувам, но тоа што го направив беше посилно од мене. Аплаузите што ги добив од публиката ги оправдаа моите „мали корекции“. До ден-денеска ги слушам, а тие траат ли траат хахаха. Мислам на аплаузите. Е, професоре, професоре... Претставата беше „Соблазна во Шенфуријанската Долина“ од Иван Цанкар. Краткото видување со Милчин по дипломската претстава беше многу непријатно и резултира со едвај шестка за дипломски испит (можеби единствена гитла-шестка на ФДУ), само за да не ме гледал повеќе, за што бев длабоко согласен. И јас него повеќе не можев да го гледам – категоричен е Георгиевски, кој вели дека бил само искрен кон професорот.

-Јас сигурно знам дека бев искрен и никому не му правев лице, но дел од класата лукративно и достојно ги бранеше ставовите на професорот Милчин, за што беа наградени со високи оценки, а понатаму во кариерите станаа асистенти, професори и што уште не. Јас бев и останав само Перо Камиказа, ништо друго – се смее Камиказа.

Веднаш по факултетските денови следувалабитна фаза во неговата актерска кариера – многу настапи и претстави во Суботица, во еден од најдобрите театри во тоа време – КПГТ (Казалиште, позориште, гледалишче, театар) на Љубиша Ристиќ.

-По студиите, по една мачна година помината во Македонија, колешките Ана Костовска, Бети Кочовска, како и Неџо Осман, Ванчо Ѓошевски и сега покојниот Љупчо Бреслиски почнаа да играат во театарот на Љубиша Ристиќ, КПГТ во Суботица. Еден ден во ноември седнав во воз, стигнав во Суботицаи добив покана од Ристиќ да се приклучам на нивниот театар. Можам да ви кажам дека таму ги поминав моите најубави и најплодни актерски години. Одиграв над 600 претстави, играв со Раде Шербеџија, Љуба Тадиќ, Кајо Цветковиќ, како и со извонредните колеги од мојата класа. Со истиот човек и до ден-денес сме исклучителни пријатели и кога ќе се видиме, имаме што да си кажуваме по цели денови. Многу од луѓето што се со нас се чудат колку сме зборлести кога сме заедно, но тоа е за друга приказна. Таму останав пет години, играв во едно чудо држави, еден куп претстави и имам само убави спомени – се потсетува Петар.



Не продолжил да работи во театар кога се вратил во Скопје, формирал семејство. А во 1989 година ја формира легендарната група „Меморија“.Тој период се случи и култната ТВ-серија „Трст виа Скопје“ во која Петар ја играше улогата на Рио.

-Сосема случајно, кога дојдов во Скопје за да си ги земам работите за подолг престој во Суботица, се сретнав со режисерот на серијата, Богдан Поп Ѓорчев, кој ми предложи да ја играм улогата Рио. Го исчитав сценариото и прифатив од прва. Единствен проблем беше што јас веќе играв во повеќе претстави во КПГТ-Суботица, па така ќе морав цело време да патувам и тоа значајно да го поскапи самиот проект. Богдан ги реши овие проблеми и конечно ја добив вистинската шанса да покажам што знам и умеам пред камера. По неколку години разбрав дека првиот што требало да ја добие улогата бил Владимир Ендровски, од неразбирливи причини ја одбил. Љац, ти благодарам! – вели Георгиевски.



Го прашавме кои се луѓето што имале најголемо влијание и без кои можеби немало да биде тој што е денес.

-Татко ми (педагог и директор на ОУ „Јане Сандански“) кој успешно се справи со мојот немирен карактер, професорките од гимназијата „Никола Карев“ - Татјана по македонски и Ружица по физичко, полковникот Чаѓеновиќ од ЈНА, на кој му ја должам сета истрајност и дисциплина, проф. Димитрие Рули Османли за сета самодоверба, на асистентот по актерска игра (подоцна декан на ФДУ) Данчо Чеврески за сите добронамерни совети и без кого сигурно немаше да дипломирам и на крајот на професорот Владимир Милчин, кој без разлика на сите несогласувања, на крајот ме направи само појак! На режисерите: Богдан Поп Ѓорчев, кој ме лансира во серијата „Трст виа Скопје“, Борис Дамовски во ТВ-филмот „Марика лета со авион“, Аљоша Симјановски во ТВ-филмот „Пикасо“, на Ацо Алексовски за серијалот за научници за образовната програма на МТВ и за крај - човекот кој остави најголем човечки и креативен белег врз мене - Љубиша Ристиќ од КПГТ. Можам да редам уште еден куп, но овие беа до факултет и малку потоа...

Човек може многу работи да научи од Камиказа, а на младите им вели:
-Ако имате идеја и мисла - немојте да се откажувате! Вреди да се борите, па дури и да изгубите! Наредното сигурно ќе биде добитно. И онаа старата: Не е важно колку пати сте паднале, туку колку пати сте станале! Јас тоа го правев, го правам и ќе го правам цел живот.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме