X
 28.03.2017 Образование

Кога бев студент... со Билјана Драгичевиќ – Пројковска: Осумката по актерска игра во прва ме разочара, ама и ме охрабри да продолжам

Понекогаш си помислувавме дека е добра идеја да си донесеме понекое креветче на факултет и да спиеме таму, зашто тоа место го чувствувавме како дома.



Таа е една најдобрите и најангажираните актерки во последните десетина години на скопските театарски сцени. Стожер на женскиот актерски репертоар во Драмскиот театар („Франкенштајн“, „Живот во тесни чевлички“), во последно време гостинка на неколку проекти на Македонскиот народен театар („Чикаго“, „Животот е прекрасен“). На Билјана Драгичевиќ-Пројковска ниту телевизијата не ѝ е туѓа. Десетина години го позајмува гласот на славниот лик Петко од серијата „Пет плус“, синхронизира детски цртани филмови... Лесно ја убедивме да се врати назад во времето, да разбуричка по старите фотографии од времето на студирањето на Факултетот за драмска уметност.

Ни призна дека била во дилема дали да ѝ се посвети целосно на музиката и да се запише на Факултетот за музичка уметност или на ФДУ. Ги полагала приемните и на двете академии, и на двете места ја примиле.


„Битлси“: (горе лево) Ирена Ристиќ, Калина Наумовска, (долу лево) Билјана Драгичевиќ-Пројковска и Катарина Илиевска-Силјановска

- Дали да продолжам во светот на музиката и музичките форми или да студирам глума, иако освен желба, немав знаење за каква уметност станува збор. Музиката ја сакав од мала - пеев, играв, свирев клавир, ама паралелно и сакав да забавувам, да кажувам шеги, да имитирам, да глумам и тајно да сонувам дека сепак еден ден овие работи ќе се спојат во една и единствена - актер. Тешко ми беше да се одвојам од музиката (иако таа ме следи цел живот) и од сѐ што сакав да бидам поврзано за неа: диригент, соло-пејачка, контрабасист, мандолинистка... Сите овие професии многу ме привлекуваа, но сето тоа ми беше некако предвидливо – вели Драгичевиќ–Пројковска. ФДУ бил привлечно и неоткриено место.

- На листата на ФМУ бев трета, а на листата на ФДУ - прва! Каква радост, гордост, задоволство… И така падна изборот. Станав студентка на ФДУ, иако си ветив дека редовно ќе одам на часови по клавир и дека нема да ја заборавам музиката. Музиката и ден-денеска е со мене и секаде околу мене, а клавирот никогаш не продолжив да го вежбам (но знаењето останало). За разлика од етидите, фугите, сонатите, првото нешто на ФДУ беа монолозите, рецитациите, имитациите… Студентскиот живот ми е најубавиот период. Тоа дефинитивно е најслободниот, најкреативниот, највљубениот период.



- Специфично на ФДУ е тоа што класите бројат по 10 до 12 студенти. Бројката е толку мала, што нашите класи беа како мали семејства кои секако се дружеа помеѓу себе. Пред сѐ, студентското бифе кое ни беше сврталиште отсабајле до вечер (предавањата ни траеја до 3 попладне, а потоа продолжувавме да работиме на актерските етиди, па и до раните утрински часови). Таму се случуваа и големите забави и дружења помеѓу класите: глума, режија, камера, монтажа, драматургија.



Секако, излегувавме кога имавме пари, а тоа беше поретко, домашни собиранки кои беа и креативни дружења на тема актерство, патување и дружење во градовите од каде што беа моите колеги… Колегите од мојата класа беа од повеќе градови: Охрид, Струмица, Прилеп, Битола… На ФДУ дружбите беа секојдневни, интензивни, забавни, понекогаш си помислувавме дека е добра идеја да си донесеме понекое креветче и да спиеме таму, зашто тоа место го чувствувавме како дома. Била одлична студентка со доминанта оценка 10. Имало и понекоја деветка и осумка.



- Кога нешто сакаш многу, не ти претставува проблем да го научиш, зашто истражуваш и оценката е показател на твоето знаење... Не бркав оценки, ами тие само кажуваа колку бев заинтересирана и колку волја имав за предметите што ги учев: историја на македонскиот театар, историја на светска драма, игра пред камера, историја на филм, сценски движења и танци, пеење, сценски говор... и секако најважното - актерска игра. Предметите повеќе беа стручни, така што беа премногу интересни за да ги полагам тукутака. Семинарски задачи немаше во наше време и не бевме оптоварени со кредити. Нашите испити и колоквиумски и завршни беа отворени и со публика, така што нашата работа не ја оценуваа само професорите, туку и колегите и обичната публика – се потсетува Драгичевиќ-Пројковска, која дипломирала во класата на професорот Владимир Милчин.

Вели дека некогаш користеле и шарм за да пројдат на испит, ама дека толку добро се познавале со професорите, што не било можно да се оди „на среќа“.

- Професорите нѐ познаваа како дишеме, бевме малкумина, така што немаше забошотување и не смеевме да се посрамотиме, особено ако знаете дека одредениот професор гледал твој испит по актерска игра и добро ја оценил. Се собиравме во групи и навистина вредно учевме, иако имавме само три усни испита - светска и македонска драма и филозофија на уметноста. Но, тоа беа навистина теми кои беа добри да се научат. Шармот поминуваше кај одредени колеги, но што ти е глумец ако не шармира. Оценките ми беа важни за стручните предмети. Големо разочарување ми беше оценката 8 што ја добив по актерска игра во прва година, мислев дека тука е крај и дека нема да можам да продолжам понатаму и си велев: „Па, каков актер ќе бидам јас со толку слаба оценка?“ Но, таа оценка ми беше поттик да продолжам похрабро… И успеав! После тоа само десетки редев – вели Билјана, која додава дека на ФДУ немале неинтересен предмет.



- Можеби понекогаш имаше здодевни предавања… но сите предмети беа навистина интересни. Најомилени ми беа предавањата за актерска игра, практично и теоретски. Најубавите часови, најкреативните, највозбудливите, како мала лабораторија во која се креираат сите тајни на овој свет, сите мечти. Ширум отворени очи желни за знаење, вчудовидени од бескрајот. Имавме и психологија како предмет, но немавме само теоретски предавања, туку одевме во болницата во Бардовци и таму стручно ни објаснуваа за одредени човечки состојби и болести. Дури имавме и разговори со пациентите од кои се здобивме со големо искуство – вели актерката на Драмски театар.

Билјана се потсети и на патувањата и гостувањата во различни градови низ Македонија.

- Патувањата низ Македонија беа најубавите моменти за нас: дружење, пеење, смеење, но и добри театарски изведби. Семејството секогаш ни беше на број, спремно за нови предизвици!
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование