X
 09.08.2017 Живот

Две третини од македонските семејства не можат да си дозволат годишен одмор

Туристичките работници ги распродаваат аранжманите, што ѝ противречи на официјалната статистика, но признаваат оти нив ги купуваат едни исти луѓе кои и по трипати годишно одат на одмор.



Само една третина од македонските семејства можат да си дозволат еднонеделен годишен одмор. За останатите, тоа е луксуз за кој немаат пари ниту еднаш во годината. Ова го покажуваат податоците од анкетата за приходите и условите за живеење во 2016 година што лани ја спроведе Државниот завод за статистика меѓу домаќинствата во земјава.
Според оваа анкета, само 27,4 отсто од анкетираните домаќинства може да си дозволат да одат на годишен одмор во траење од една недела. Најмногубројни меѓу нив се неземјоделските семејства, а најмалобројни се земјоделските домаќинства.
Проблеми да си дозволат еднонеделен одмор имаат и дел од семејствата од ЕУ. Според последните податоци од Евростат, институцијата што ја спроведува статистиката на земјите од Унијата, 32,9 отсто од популацијата што живее во ЕУ не можат да си дозволат одмор. Во најлоша положба се Романците, каде што 66,6 отсто од семејствата не одат на одмор. Следуваат Хрватска со 62,8 отсто, Бугарија со 56,4 отсто, Грција со 53,6 отсто, Кипар со 53,5 отсто и Унгарија со 50,7 отсто. Земји во кои семејствата без главоболки го планираат годишниот одмор се Шведска, Луксембург, Данска, Финска, Австрија и Холандија.    

Сепак, генералната слика во земјава ѝ противречи на официјалната статистика. Најголемиот дел од аранжманите што ги нудат туристичките агенции речиси секое лето се разграбани, а неколку стотици илјади Македонци само во трите летните месеци ја преминуваат границата кон Грција. Туристичките работници велат дека е точно оти ги распродаваат аранжманите, особено летните, но повеќето од нив признаваат оти нив ги купуваат едни исти луѓе. Односно, голем дел од тие што биле на одмор во јуни одат и во септември.

- Реално, од 15 до 20 отсто од населението се оние што генерално флуктуираат одејќи на одмор и можат да си го дозволат. Останатите од различни причини не одат на одмор. За жал, кај нас е голема бројката на луѓе што не можат да си го дозволат тој луксуз. Точно е дека аранжманите се распродаваат, а многумина одат и по двапати на одмор. Но, тоа се едни исти луѓе - објаснуваат туристичките работици.

Според нив, сите туристичките агенции од земјава во сезона продаваат околу 30.000 аранжмани. Сепак, голем дел од населението патува и во сопствена режија, па не може да се знае точната бројка.   
Подготвил: Д.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот