X
 17.08.2017 Технологија

Како Илон Маск од безначајнa видеоигра дојде до 16 милијарди долари


Илон Маск
(Фото: Flickr)


Илон Маск е еден од најинтересните ликови во Силиконската долина, а медиумите ги обожаваат неговите компании. Имено, и „Тесла моторс“ и „Спејс икс“ спаѓаат во категоријата на оние компании што привлекуваат медиумско внимание, а нивната вредност и натаму расте затоа што во иднина би можеле целосно да ја трансформираат транспортната индустрија.

Денес тој е „тежок“ 16,6 милијарди долари и додека за некои „вундеркинди“ од Силиконската долина можеме за зборуваме дека успеале преку ноќ, Илон Маск не е еден од нив, пишува „Тајм“.

Ова се неговите осум иновативни потези што ги направил
 пред да стане милијардер.

Креирал и продал своја видеоигра кога имал само 12 години

Се работи за вселенска битка под име „Бластар“, за која веројатно не сте ни чуле освен ако сериозно не сте ја следеле оваа индустрија во раните осумдесетти години. Маск од најрана возраст се интересирал за компјутери, а со програмирање почнал на 9 години.

Главно, во „Бејзик“ создал видеоигра чиј изворен код го продал за 500 долари и тоа бил неговиот прв деловен потег. Тврди дека станува збор за безначајна игра која и денес е подобра од „Флепи Брд“.

Работел како чистач на котел во пилана

Откако во 1988 година ја напуштил Јужна Африка, Маск работел низа физички работи во Канада. Според биографијата, која ја напишала Ешли Венс, Маск работел на фармата на свој роднина во Валдек, а во Ванкувер научил да ракува со моторна пила.

Кога го посетил заводот за вработување, ја побарал најдобро платената достапна работа, а станувало збор за чистење котел во една пилана, за што се се плаќало по 18 долари на час (солидна саатница за 1989 година). Работата била напорна и тешка, вклучувала и задолжително носење заштитна облека, ползење и привлекување низ тесни простори и фрлање на отпадот со лопата на високи температури.

Вешто договорил стажирање во банка

Откако со својот брат Кимбел се вратил во Канада, почнале да ги проучуваат претприемачите со кои сакале да се запознаат, па телефонски им ѕвонеле на многумина, повикувајќи ги на ручек. И додека повеќето од нив негативно реагирале, Маск имал среќа да стапи во контакт со Петер Николсон од Bank of Nova Scotia, кој бил импресиониран од неговата иницијативност и воодушевен од него, му станал ментор и му понудил летно стажирање во банката за 14 долари на час.

За да заработи дополнително, продавал компјутери од својата студентска соба

Додека студирал на Универзитетот „Квинс“ во Онтарио, Маск имал доходовна дополнителна работа. Тој продавал делови и составени компјутери, а својата студентска соба ја претворил во „канцеларија“. Им составувал конфигурации на колегите од факултетот, во зависност од нивните потреби. „Кога нивните компјутери не работеа или имаа вируси, јас им ги поправав. Знаев да решам секаков проблем“, ги опишал Маск своите искуства.

Својот изнајмен стан го претворил во клуб за да може да обезбеди средства за кирија

Откако во 1992 година се префрлил на Универзитетот во Пенсилванија, Маск квалитетно ги искористил своите претприемачки инстинкти. Со пријателот се преселил во „братска“ куќа. Во текот на неделата учеле, но за викендите куќата се претворала во клуб. Или попрецизно, во точилница на алкохол. Ги покривале прозорците со вреќи за ѓубре, а Маск, кој никогаш не бил љубител на „добра капка“ (освен повремено вотка), останувал трезен за да ја контролира ситуацијата. Тој организирал забави и наплатувал влезници.

„Така го плаќав студирањето. Во една ноќ заработував доволно за месечна станарина“, вели Маск. Некогаш дури ја наговарал својата мајка да работи со влезниците.

Го напуштил факултетот и започнал со сопствена стартап-компанија

Иако пред него стоела одлична академска иднина, Маск се откажал од студирањето и заклучил дека голема заработка се крие во интернетот. Се отпишал од факултетот и во 1995 година заедно со својот брат ја покренал Zip2, компанија која најпрецизно може да се опише како онлајн-еквивалент на жолт печат. За да започнат со својот бизнис, искористиле 28 илјади долари од сметката на нивниот татко.

Четири години подоцна станал милионер

Заедно со својот брат, во 1999 година ја продале Zip2 на компанијата Compaq, која била водечки производител на Пи-Си системи, се додека во 2002 година не ги презеле од HP. Се работело за износ од 307 милиони долари, а на сметката на Маск „легнале“ 22 милиона долари.

А тогаш почнал со паметно вложување

Набрзо по продавањето на Zip2, Маск инвестирал сопствени 12 милиони долари и станал еден од основачите на X.com, кој бил замислен како иднина на интернетското банкарство. На почетокот на 21 век, X.com се споил со соперничкиот Confinity создавајќи ја компанијата PayPal. Како мнозински акционер, Маск после многу навлекувања бил сменет од позицијата извршен директор, а PayPal  во јули 2002 година ја прифати понудата од eBay и покрај противењето на Маск. Се работело за износ од 1,5 милијарда долари, а Маск станал побогат за 180 милиони.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија