X
 29.08.2017 Наука

Нова вакцина со која мозокот е имун на хероин и опојни дроги

Предозирањето со дрога во САД предизвикало повеќе од 60.000 смртни случаи во 2016 година, но нови вакцини ќе го направат мозокот имун на таквите хемикалии, а со тоа можеби ќе им се стави крај на кризите со опојни дроги.

фото извор: Shutterstock

Вакцината е комбинација која нуди заштита од ефектите од хероин и синтетички дроги, а е развиена од истражувачите во САД. Се надеваат дека еден ден оваа вакцина ќе биде решението за зависноста и можеби ќе биде превенција при фатални предозирања.

Синтетичките замени за дрогата се многубројни. Поевтини се за производство и се создаваат многу побрзо отколку конвенционалните дроги, како хероин. Се смета дека се дури 10.000 пати помоќни од морфиумот. Зависниците најчесто започнуваат со користење дроги како фентанил, кој е поевтин, а помоќен за 100 пати од морфиумот.

Опојните дроги се креирани од мали молекули кои имунолошкиот систем не ги препознава, па затоа не се ни бори против нив. Токму затоа е тешко да се развијат вакцини за ваква намена. Научниците креирале мали молекули кои се слични на оние од опојните дроги, но со протеини кои се однесуваат како обврзувачки за антителата што ги создава имунолошкиот систем. Кога имунолошкиот систем ќе биде истрениран со серија вакцини, ќе научи да ги препознава молекуларните структури што се слични на оние од опојните дроги и ќе испрати антитела кои ќе се борат со нив и нема да дозволат да ја поминат бариерата крв-мозок, во времетраење од 8 месеци.

Истражувањето било спроведено на глувци и мајмуни. Експертите се надеваат дека вакцините ќе ја намалат бројката на смртни случаи од предозирање. Следен чекор е да се извршат клинички тестирања и да се види како вакцината ќе дејствува на луѓе. Ако резултатите се успешни, можеби токму оваа вакцина ќе се користи во борбата против зависност од дроги и превенција при предозирање.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука