X
 18.10.2017 Живот

Дали треба да им плаќате на децата за извршувањето на домашните обврски?

деца

Според едно истражување, 83 отсто од родителите што на своите деца им даваат џепарлак сметаат дека тие треба да ги заработат со извршување на домашните обврски. Но многу експерти за родителство не се согласуваат со тоа.

Рон Либер, автор на книгата „Неразгалени“, смета дека ако на децата им дадете пари во замена за извршување на домашните обврски, еден ден тие може да одлучат дека парите не им се потребни и да престанат да ги извршуваат обврските.

Џејн Нилсен, авторка на „Позитивна дисциплина од А до Ш“, исто така верува дека џепарлакот и домашните обврски и задачи не треба да се поврзани. Џепарлакот може да се користи за образовни цели, а домашните обврски мора да се извршуваат.

Дури и познатата книга на д-р Спок од 1945 година ги поучува родителите дека џепарлакот треба да го користат за децата да научат како да располагаат со пари, а не за да ги тераат децата да работат низ дома.

Децата треба да учествуваат во одржување на домаќинството едноставно затоа што е потребно. Можете да им понудите пари само ако сакате да извршат некоја дополнителна задача, на пример вашата.

Истражувањето покажало дека 34 отсто од родителите на своите деца не им даваат џепарлак, но експертите сметаат дека и тоа е грешка. За да научите да се возите на велосипед, треба да се качете на него, така што можете да научите да располагате со парите само ако ги имате.

Што се однесува до моментот кога треба на децата да почнете да им давате џепарлак, експертите велат - тогаш кога детето ќе почне да сфаќа што се парите и ќе почне да поставува прашања за нив. На помалите деца џепарлакот можете да им го давате неделно, а на постарите месечно.

Најважното прашање е колку? Американците обично го делат бројот на години на детето со два и така го пресметуваат неделниот џепарлак. Секако дека важен критериум е и финансиската состојба на детето. Износот би требало да биде доволен за ситници, додека за поголемите работи детето треба да штеди и на тој начин да вежба.

На возраст помеѓу 13 и 16 години, полека почнете да ги навикнувате децата дека сами треба да си купуваат, така што ќе им давате онолку џепарлак колку што трошите за нивните потреби - облекување, телефонски сметки и други лични трошоци. Сите експерти се согласуваат со една работа - подобро е да се вежба со пари и да се прават грешки на 13 отколку на 23 години.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот