X
 21.12.2017 Култура

По долго време иконите од Националната галерија ќе бидат изложени во Чифте амам

Околу 40 икони од 14 до 20 век, вечерва во 19 часот, ќе бидат изложени во Чифте амам, во Старата скопска чаршија. По долго време Националната галерија на Македонија пред публиката ќе изложи икони, светогорски графики и копии од фрески од својата и од колекцијата на Музејот на Македонија. Поставката е така конципирана што на љубителите на уметноста ќе им овозможи преглед на стилскиот и хронолошкиот развој на македонското иконописно творештво од 14 до 20 век, а ќе биде отворена до 30 јануари. Изложбата ја подготви Славица Алексоска, виш кустос во Националната галерија.


- Во збирката икони во Националната галерија на Македонија денес има повеќе од педесет примероци. Една икона датира од средината на 14 век, друга од 15-16 век, а останатите икони му припаѓаат на поствизантискиот, периодот на преродбата (19 век) и малку икони од почетокот на 20 век. Според стилската и хронолошката припадност, најмногу примероци припаѓаат на поствизантискиот и периодот на преродбата – велат од галеријата.

Во средината на 20 век во културното живеење во Македонија се јавила потреба македонската ликовна сцена да биде водена и поттикнувана од стручна институција во која би се презентирала и афирмирала македонската ликовна уметност. Затоа Даут-пашиниот амам бил адаптиран (конзервиран и реставриран) и ја добил функцијата на Уметничка галерија. Набрзо, благодарение на ентузијазмот и професионалноста на стручниот тим во галеријата, почнува да се формира и збирка на ликовни дела. Се правеле откупи од македонски, српски, хрватски, словенечки, црногорски и босански автори.
- Истовремено, Археолошкиот музеј ѝ предал на галеријата педесетина икони. Еден дел биле изложени во тогашната поставка на галеријата, а останатите биле сместени во нејзините депоа. Тоа биле пред сè икони донесени од тогаш неактивните цркви и манастири, заради нивна безбедност и заштита. Останатиот дел биле откупени од приватни колекции – објаснуваат од галеријата.


Чифте амам

Галеријата била свечено отворена во 1950 година, а првата поставка на ликовни дела била: икони од 14 до 19 век, копии од најубавите примери на македонските фрески и ликовни дела од тогашната македонска и југословенска современа уметност. Овој податок зборува дека иконите хронолошки биле дел од поставката на галеријата од првите години од нејзиното постоење. Во текстот за каталогот издаден во 1950 година по повод отворањето на првата официјална поставка, меѓу другото, стои: „На Илинден 1950 година, македонските уметници по двегодишна подготовка, удрија темел на првата Уметничка галерија во Скопје. Во галеријата ги гледаме безимените наши зографи што со своите дела ги напишаа најубавите страници на нашата уметничка историја. Живеејќи под најтешки политички и економски услови во поробениот и заборавениот Балкан, тие беа творци на најсилното што го даде човештвото во уметноста за полни четири столетија oд италијанската ренесанса и три столетија пред генијалниот Ѓото“, пишува во каталогот „Уметничка галерија Скопје“ издаден во 1950 година.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура