X
 29.12.2017 Технологија

Како вештачката интелигенција би можела да ни помогне да победиме во дискусија?

фото
Фото: Shutterstock

Способноста да водиш дискусија, да даваш аргументи, да го изразиш сопственото размислување е една од дефинираните карактеристики на тоа да се биде човек.

Аргументот и дебатата се темелите на цивилизираното општество и интелектуалниот живот. Процесите на аргументација ги водат нашите влади, структурираат научни настојувања и ставаат рамки на нашето верско уверување, така што, дали треба да бидеме загрижени дека новите достигнувања во вештачката интелигенција ќе преземат чекори кон опремување на компјутерите со овие вештини?

Бидејќи технологијата повторно ги обликува нашите животи, сите сме навикнати на нови начини на работа и интеракција. Впрочем, милениумците не знаат ништо друго.

Владите и судството се свесни за потенцијалот понуден од технологијата за ангажирање на граѓаните во демократски и правни процеси. Голем дел од политичарите ја сфаќаат огромната улога што социјалните медиуми ја имаат во изборните процеси. Но постојат длабоки предизвици.

Токму за ова зборува Ели Паризер, извршниот директор на веб-страницата „Апворти“. Тој објаснува за тоа како започнуваме да живееме во „филтрирани меури“.



Медиумските организации, од „Фокс њус“ до Би-би-си, ги персонализираат содржините и со идентификација и логирање избираат кои приказни најмногу се истакнуваат. На тој начин ризикуваме да се заклучиме во ехо-комори на истомисленици, додека нашите аргументи остануваат еднострани, помалку избалансирани, така што имаме помалку разбирање за другите ставови.

Друга загриженост е начинот на кој вестите и информациите стануваат сè помалку сигурни - обвинувањата за „лажни вести“ денес се вообичаени.

Во пресрет на ваквите предизвици, вештините за критичко размислување се од витално значење повеќе од кога било - способноста да се расудува и да се проценат доказите брзо и ефикасно, како и да се размислува за работи од алтернативни гледишта. Ова се вештини на аргументот и тие се предмет на академските истражувања во филозофијата повеќе од 2000 години, уште од Аристотел.

Центарот за аргументациска технологија при Универзитетот во Данди ги зема токму овие теории од филозофијата, лингвистиката и психологијата - сето она што покажува како луѓето дебатираат, како не се согласуваат, како постигнуваат консензус и ги поставуваат како почетна точка за градење алатка за вештачка интелигенција што моделира, препознава, учи, па дури и учествува во човечките аргументи.

Целта не е да се изгради машина што може да нѐ победи со аргумент. Многу повозбудлив е потенцијалот да се има софтвер со вештачка интелигенција кој би дал придонес во човечката дискусија - би ги препознал видовите аргументи, би ги критикувал, би понудил алтернативни погледи и многу други работи што сега се на дофат на вештачката интелигенција.

И токму тука лежи вистинската вредност - екипи со луѓе што даваат цврсти аргументи, некои од нив луѓе, а некои машини, работат заедно за да се справат со комплексните ситуации од анализа на интелигенцијата до бизнис-менаџментот. Ваквата заедничка, „измешана иницијатива“, ќе го трансформира начинот на кој размислуваме за интеракција со вештачката интелигенција - со надеж дека ќе се трансформираат и нашите колективни резонирачки способности.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија