X
 17.04.2021 Наука

Колку би чинел животот на Месечината?

Со програмата „Артемис“ американската вселенска агенција НАСА планира да ги испрати првата жена и следниот маж на Месечината до 2024 година. Оваа програма треба да го овозможи идното поставување на станица на Месечината за подалечни вселенски мисии.

Во едно истражување се проценува цената на животот на Месечината. На истражувањето работеле финансиски експерти од фирмата „Мани“, според кои, животот на Месечината би чинел околу 325.067 долари месечно.

Според истражувањето, во цената се вклучени елементи за живот, како системи за создавање кислород, климатизери и топлински уреди, прозорци отпорни на удари на метеори, како и снабдување со енергија. Вградувањето на сите овие елементи би чинело околу 40 милиони долари, додека цената за изградба на куќа на Месечината би чинела дополнително 48 милиони долари.

„Мани“ составила и водич за живот на Месечината, кој би се состоел од производство на храна и енергија. За едно четиричлено семејство би биле потребни седум стакленици за производство на храна.


Бидејќи првите можни жители на Месечината не би имале извор на енергија, „Мани“ препорачува и купување мал нуклеарен реактор кој би чинел 1,3 милијарда долари. Алтернативно, би можело да се користат и соларни панели, а за една куќа би биле доволни 17, кои би чинеле околу 23.000 долари.

Месечината е единственото место надвор од Земјата на кое стапнале луѓето. Досега 12 луѓе застанале на Месечината. Иако истражувања покажале дека на површината на Месечината има вода, НАСА вели дека на Месечината сепак не би можело да се живее, најмногу поради тенката атмосфера.

Автор: Марк Бустос
Извор: sciencetimes.com
Фото: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука