X
 17.06.2021 Здравје

Трите најчести симптоми на зараза со делта-варијантата на коронавирусот

Главоболка, воспалено грло и течење на носот се најчесто пријавени симптоми поврзани со ковид-инфекцијата во Велика Британија, односно раширената делта-варијанта.

Професорот Тим Спектор, кој го води истражувањето за симптомите на ковид-19 наречено „Зои ковид симптом“, вели дека инфекцијата со варијантата делта кај помладите луѓе повеќе личи на настинка. Но, иако можеби не се чувствуваат многу лошо, тие може да бидат заразни и да ги загрозат другите.

Секој што мисли дека има коронавирус, треба да се тестира. Класичните симптоми на ковид-19 на кои треба да внимаваат луѓето, според експертите, се: кашлица, температура, губење на мирис или вкус.

Главни симптоми


Но, професорот Спектор вели дека сега овие се поретки симптоми, според податоците што тимот ги добил од илјадници луѓе кои ги пријавиле своите симптоми во апликацијата.

- Од почетокот на мај ги набљудуваме главните симптоми кај корисниците на апликацијата и тие не се исти како порано - објаснува професорот.

1

Се чини дека измената е поврзана со зголемувањето на инфекциите со варијантата делта, која првично беше идентификувана во Индија и сега опфаќа 90 отсто од случаите на инфекција со ковид-19 во Велика Британија. Температурата и понатаму е прилично честа, но губењето на мирисот повеќе не се појавува во првите 10 симптоми, вели професорот.

- Се чини дека оваа варијанта функционира малку поинаку. Луѓето може да помислат дека добиле сезонска настинка, па и понатаму излегуваат и шетаат, може да заразат шест други луѓе. Пораката е дека ако сте млади, во секој случај ќе добиете поблаги симптоми. Може да имате чувство како да имате лоша настинка. Сепак, советувам да останете дома и да се тестирате - вели професорот.

Слично на тоа, истражување од Кралскиот колеџ во Лондон спроведено на повеќе од еден милион луѓе во Англија, кога варијантата алфа беше доминантна, откри широк спектар на дополнителни симптоми поврзани со ковид-19.

Чувство на студено, губење апетит, главоболка и болка во мускулите беа најсилно поврзани со инфекциите, заедно со класичните симптоми.

Научниците велат дека најважни симптоми на ковид-19 се:

- Континуирана кашлица;
- Висока температура;
- Губење или промена на мирис или вкус.

- Постојат и други симптоми поврзани со ковид-19. Тие може да бидат предизвикани од нешто друго и не се причина за да се направи тест. Но, ако сте загрижени, побарајте совет од лекар - се вели во насоките од британската влада.

Извор: BBC
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје