X
 17.08.2023 Култура

Драган Бјелогрлиќ сними интригантна филмска приказна за југословенската атомска бомба

Прашањето дали владата во поранешна Југославија сакала да добие сопствена атомска бомба и денес е без јасен одговор, но сигурно е дека нејзиното експериментирање со нуклеарната програма довело до фасцинантен напредок во третманот на озрачените луѓе.

Таква порака содржи филмот „Чувари на формулата“, во режија и сценарио на Драган Бјелогрлиќ, кој истовремено се најде во улога на Александар Ранковиќ, поранешен семоќен заменик на Тито и шеф на југословенската тајна полиција.

Филмот има и поднаслов, „Верижна реакција“, што е директна алузија на неговата содржина, а е снимен според романот „Случајот Винча“ на Горан Милашиновиќ. Заедно со Бјелогрлиќ, косценаристи се Вук Ршумовиќ и Огњен Свиличиќ. Актерската екипа се состои од Радивоје Буквиќ до Мики Манојловиќ како и француски актери како Алексис Манети и мноштво млади ликови чие време допрва доаѓа.

Основата на филмот е вистинска приказна


Основата на филмот е вистинската приказна за инцидентот во Нуклеарниот институт во Винча, Србија во октомври 1958 година, кога група истражувачи била озрачена поради истекување на радиоактивен материјал од реакторот.

Потоа, благодарение на личните врски на Павел Савиќ, тогаш водечкиот југословенски нуклеарен физичар, тие биле префрлени на лекување во Франција за да се обидат да им помогнат таму, иако тогаш не постоел познат третман за такви случаи, а секој озрачен бил однапред осуден на смрт.

Благодарение на упорноста на францускиот онколог Жорж Мате, кај овие пациенти за првпат била испорбан методот на трансплантација на коскена срцевина, кој направи револуција во медицинската наука. Така, „Чувари на формулата“, од драма, се претвора во политички трилер кога се поставува прашањето со што всушност експериментирале научниците во Винча, предводени од Драгослав Поповиќ.

Неговата цел била да предизвика верижна реакција работејќи со суровини, но што требало да следи потоа останува предмет на шпекулации, иако на крајот од филмот се наведува дека југословенската програма за атомска бомба официјално била затворена во 1962 година.

Самиот Бјелогрлиќ вели дека нема веродостојни документи за постоењето на оваа програма, а Поповиќ бил отстранет од тој институт по инцидентот во Винча. Тој и Савиќ до крајот на животот дебатирале за тоа што всушност го предизвикало истекувањето на радијацијата во 1958 година.

 

Извор: 6yka.com
Фото:
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура