X
 17.12.2020 Живот

Овој човек го нашол клучот за потеклото на животот. Но, зошто толку малку луѓе слушнале за него?

Кога биологот Тибор Ганти почина на 15 април 2009 година, на 75-годишна возраст, малкумина го имаа слушнато неговото име. Голем дел од кариерата ја поминал зад Железната завеса што ја поделила Европа со векови, спречувајќи размена на идеи.

Но, ако теориите на Ганти биле пошироко познати за време на комунистичката ера, тој сега би можел да биде прогласен за еден од најиновативните биолози на 20 век затоа што смислил модел на наједноставен можен жив организам и го нарекол хемотон, што укажува на возбудливо објаснување за тоа како почнал животот на Земјата.

Потеклото на животот е една од најпознатите и најконфузни мистерии во науката. Каква била Земјата кога се формирала? Кои гасови го сочинувале воздухот? Од илјадници материи што сега ги користат живите клетки, кои се неопходни и кога се појавиле тие супстанции?

Можеби најтешкото прашање е наједноставното: Кој бил првиот организам?

За научниците што се обидувале повторно да ја создадат искрата на животот, хемотонот нуди привлечна цел за експерименти. Ако неживите материи можат да се претворат во хемотон, тоа ја открива патеката по која животот би можел да се формира од нула. Дури и сега, некои истражувачки групи се неверојатно близу до овој модел.

И за астробиолозите заинтересирани за живот надвор од нашата планета хемотонот нуди универзална дефиниција за животот, која е поврзана со целокупен организациски модел.

- Мислам Ганти размислувал подлабоко за основите на животот од која било друга личност што ја познавам - вели биологот Ерс Сатмари од Центарот за еколошки истражувања во Тихани, Унгарија.

Не постои договорена научна дефиниција за животот. Еден труд од 2012 година идентификувал 123 објавени дефиниции. Предизвикувачки е да се напише дефиниција што ќе го опфати целиот живот, а ќе го исклучи сето она што не живее и што има атрибути слични на животот, како што се огнот и автомобилот. Многу дефиниции велат дека живите суштества можат да се размножуваат. Но, зајакот или човекот, или китот, не може да се размножуваат сами.

hemoton
Фото: Freepik

Во 1994 година комитетот на НАСА го опиша животот како самоодржлив хемиски систем способен за дарвинистичка еволуција. Зборот систем може да значи индивидуален организам, популација или екосистем. Тоа го надминува проблемот со репродукција, но со цена: постои нејасност.

Она што малкумина го знаеле во тоа време е дека Ганти понудил и друг начин две децении порано.

Тибор Ганти бил роден во 1933 година во малото гратче Вац, централна Унгарија. Неговиот живот бил обоен од конфликти. Унгарија била сојузник на нацистичка Германија во Втората светска војна, но во 1945 година нејзината војска била поразена од Советскиот Сојуз.

Фасциниран од природата на живите суштества, Ганти студирал хемиски инженеринг пред да стане индустриски биохемичар. Во 1966 година објавил книга за молекуларна биологија наречена „Револуција во истражувањето на животот“, кој бил доминантен универзитетски учебник од кој се работело со години - делумно затоа што малку други биле достапни.

Во 1971 година неговата нова книга „Принципите на животот“ повторно се занимава со истата тематика. Книгата ја содржи првата верзија на неговиот модел на хемотон, што го опишува она што тој го гледа како основна единица на животот. Сепак, овој ран модел од организмот бил нецелосен и му биле потребни уште три години за да го објави она што сега се смета за конечна верзија.

Целосниот хемотон, концептот на Ганти за наједноставниот можен жив организам: гените, метаболизмот, мембраната, сите се поврзани. Метаболизмот создава градежни блокови за гените и мембраната, а гените влијаат врз мембраната. Заедно формираат единица што може самостојно да се реплицира.

Но, некои научници денес се против идејата за хемотон. Еден од аргументите против идејата за хемотон како прв живот е дека тој бара толку многу хемиски компоненти, вклучувајќи нуклеински киселини, протеини и липиди. Многу експерти сметаат дека е мала веројатноста тие да произлезат од истите почетни материи на исто место.

Но, биохемичарите неодамна најдоа докази дека сите клучни материи во животот можат да се формираат од истите едноставни почетни материи. Во истражување објавено во септември, истражувачите предводени од Сара Симкуч од Полската академија на науките во Варшава составиле база на податоци користејќи децениски експерименти што сакале да ги направат хемиските градежни блокови на животот. Почнувајќи со само шест едноставни материи, како вода и метан, Симкуч открила дека е можно да се направат десетици илјади клучни состојки, вклучувајќи ги и основните компоненти на протеините и РНК.

Ниту еден од овие експерименти сè уште нема изградено работен хемотон. Тоа едноставно може да биде затоа што е тешко или можеби точната формулација на Ганти не е како функционирал првиот живот. Сепак, она што ни го дава хемотонот е поттик да размислиме како функционираат животните компоненти.

- Животот не е протеин, животот не е РНК, животот не е липиден двослој. Тогаш што е? - вели Џејмс Грисемер од Универзитетот во Калифорнија, Дејвис.

Извор: National geographic
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот