X
 25.01.2018 Култура

Нинослав Димов, доцент на ФМУ: Тажно е решено финансирањето на музичката уметност во Македонија

Концертни агенции не постојат во Македонија, а ако има, тоа е на некоја државно-приватна основа која служи за промоција и реклама на одредени уметници што ги имале вистинските конекции, вели саксофонистот кој неодамна го основа Меѓународниот фестивал по кларинет и саксофон SaxClar


Доц. Нинослав Димов (десно) со професорот Детлеф Бенсман

Саксофонисти со светско реноме беа гости на првиот Меѓународен фестивал по кларинет и саксофон SaxClar што неодамна се одржа во Скопје. Ова е прв и единствен фестивал од овој тип на Балканот. Фестивалот имаше натпреварувачки карактер, во шест возрасни категории, а учествуваа кларинетисти и саксофонисти од најмлада возраст до 30 години. Најважно од сè, фестивалот беше едукативен, преку многубројните предавања и мастер-класови за сите заинтересирани, ученици и студенти, но и нивните професори и други професионалци. На натпреварот учествуваа околу 50 млади уметници од Македонија, но и од Србија, Грција и од Швајцарија.
Уметнички директор на фестивалот е Нинослав Димов, вонреден професор по предметите Саксофон, Оркестарски делници по саксофон и Камерна музика на Факултетот за музичка уметност во Скопје и член на повеќе активни музички состави во земјава. Тој е иницијатор за фестивалот, заедно со Детскиот културен центар „Карпош“, без чија поддршка тешко ќе се реализираше манифестацијата.

Реномирани светски уметници во жири

Гости на фестивалот беа германскиот саксофонист и композитор со светско реноме Детлеф Бенсман, еден од најактивните и најбараните германски солисти на саксофон, професор на повеќе факултети низ Германија. Друштво му правеа Матјаж Древеншек, професор и продекан на музичкиот факултет во Љубљана, педагог и уметник-саксофонист со светско реноме, Огњен Поповиќ, професор на ФМУ во Белград и соло-кларинетист при Белградската филхармонија, како и Матијас Милер, швајцарскиот композитор и кларинетист, уметник со светска кариера и професор на Високата школа за уметност во Цирих.
- Сиве овие врвни уметници го сочинуваа стручното жири на натпреварот, имаа свои предавања и им одржаа многубројни мастеркласови на повеќе млади уметници од Македонија, Србија и од Грција. Оваа бројка е многу повисока од нашите првични очекувања, а особено ме радува фактот што речиси 25 отсто од натпреварувачите дојдоа од други држави – вели Димов.


Реномираното меѓународно жири

Важноста на овие натпревари е од огромно значење, не само за учениците и студентите туку и за нивните професори и ментори, па на одреден начин и за македонската уметност и културниот живот, вели Димов.
- На учениците, студентите, младите уметници одвреме-навреме им е потребна одредена евалуација, одвоена од класичните оценувања преку годишни или семестрални испити. На тој начин тие осознаваат и добиваат одредници кои би требало да ги насочат и да им покажат каде е нивната цел, дали правилно работат на проблематиката на своите инструменти, до кое ниво стигнала нивната уметничка мисла, па дури и одредено рангирање на самите натпреварувачи - вели Димов.

Неопходна е надворешна евалуација

Истите придобивки важат и за нивните ментори, професори. Особено е значајно што оценувањето (бодирањето) го вршат уметници со значајна меѓународна кариера, докажани експерти во своите области, кои зад себе имаат долгогодишно педагошко и изведувачко искуство.
- И можеби најважното – што не се од Македонија. Последните неколку години бев член на стручно жири на повеќе натпревари во Македонија. Увидов дека е потребна надворешна евалуација на натпреварувачите, од луѓе кои, покрај својата стручност, не биле директно или индиректно поврзани со дел од натпреварувачите. Токму тоа е главната идеја и цел на SaxClar. Стручното жири и понатаму ќе биде составено исклучиво од странски уметници со реномирана меѓународна кариера, за да се добие најобјективно мислење и вреднување на сите што ќе учествуваат во натпреварот.

Жирито, за време на нивната работа

Неколкумина македонски музичари што излегле од нашиот ФМУ направија светски кариери. Димов вели дека во групата заслужуваат да се вбројат многу уметници што имале, имаат и ќе имаат европска и светска кариера.
- За некои од нив пошироката јавност е донекаде информирана, а за некои не ни чула. Но, во нашите професионални кругови, се надевам, се сите познати. Тоа се должи на недоволната медиумска покриеност и информираност и, воопшто, на генералната политика на медиумите кон уметноста и културата, која е тесно поврзана со одредена блискост или врска со самиот уметник. Конкретно за дувачките инструменти, еден од најактивните наши уметници е токму кларинетистот и саксофонист Стојан Димов, со над 80 настапи во годината во сите светски најреномирани сали и фестивали. Тука можам да ги споменам и обоистот Томе Атанасов, флејтистот Никола Атанасов, тромбонистот Антонио Јанковиќ, па дури нескромно да се ставам и себеси во оваа листа, и уште една плејада инструменталисти, диригенти и композитори што работат, а поголемиот дел од нив и живеат во странство. Талентирани студенти има, некои од нив имаат можност, афинитети и шанса за одредена меѓународна кариера, но сето тоа зависи од самите нив – вели Димов.

Вежбањето е најважно за талентот да излезе на виделина

Сепак, вели тој, работата, поточно вежбањето е најбитниот дел од целата сложувалка која овозможува талентот да излезе на виделина. Само талентот не е доволен фактор за почеток на кариера. Но, работата не е секогаш пресудна.
- Постојат уште многу фактори - поддршката што би требало младите уметници да ја добијат од државата (Министерството за култура), застапеноста во медиумите, која во моментот е многу мала, да не речам и никаква, самата амбиција и идеја на уметниците и на крај, можеби пресудниот фактор – среќа – вели тој.


Од натпреварот

На прашањето каква можност нуди македонската музичка сцена за сите талентирани саксофонисти и кларинетисти, Димов попрво би прашал дали постои македонска музичка сцена? Се разбира, мислам на сцената за уметничка музика.
- Во моментот единствената поддршка што ја имаме од страна на Министерството е преку годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес. Тоа е едно „тажно“ решение за функционирање на една музичка сцена бидејќи на тој конкурс имаат право да конкурираат сите, без разлика на стаж, искуство и рангирање во уметничките води и нормално - сите очекуваат позитивен одговор – објаснува Димов.
Тој додава дека одговорите не соодветствуваат секогаш со потребите на уметникот да води плоден културно-уметнички живот, со што би помогнал во градењето квалитетна македонска музичка сцена. Концертни агенции не постојат во Македонија, а ако има, тоа е на некоја државно-приватна основа која служи за промоција и реклама на одредени уметници што ги имале вистинските конекции.
- Фестивалите во Македонија се навидум отворени за македонските уметници, сè додека не дојдеме до финансискиот дел, каде што веднаш наидуваме на непробоен ѕид преку тврдења дека немаат финансиски можности за некакви хонорари или дека би ги намириле само патните трошоци во висина на автобуски повратен билет. А истите тие организации трошат милионски суми државни, „наши“ пари за одредени светски уметници. Единствената придобивка од нив ја имаат тие што успеале да дојдат до билет за да уживаат во нивната уметност. Затоа и го поставувам прашањето: Дали постои македонска музичка сцена? – категоричен е Димов.



За квалитетна сцена, потребни се пари

За да имаме квалитетна сцена, потребни се пари, вели тој.
- Зборувањето за финансии е една од моите најомразени теми, но тоа е реалната слика. Потребно е финансирање, однапред испланирано, со реални придобивки за македонската сцена, уметност и културен живот, што ќе биде и своевидна мотивација за сите оние што го имаат одбрано повикот на уметноста за своја професија, т.е. живот. Би сакал да им порачам на сите млади уметници и студенти по музика да не ги имаат пред себе како последна цел светската кариера и финансискиот успех, туку да ја концентрираат својата енергија на сопствената уметност. Да бидат секогаш отворени за нови идеи и соработки, да ги искористат шансите што им се укажуваат за подобрување на сопственото разбирање на музиката, воедно и уметноста, и никако да не се откажуваат од реализацијата на своите идеи. Само така, можностите, кои секогаш постојат, ќе се отворат пред нив. А, со самото тоа ќе се изгради и една квалитетна музичка сцена – вели Димов.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура