X
 30.01.2018 Живот

Особина од детството го одредува успехот во животот

Асоцијацијата за психолошки науки во својата објава вели дека постои врска помеѓу противењето и кршењето на правилата во адолесцентската доба и големата заработка подоцна во животот. Дали е можно немирните деца да се всушност малечки гении?

фотоизвор: compmed.com

Се зема за пример Бил Гејтс, кој кога имал 11 години, почнал да им прави проблеми на своите родители. Како што растел неговиот интелектуален капацитет, така почнало и неговото аргументирање. Одбивал да работи задачи кои мајка му ги барала од него, како што е чистењето на собата или доаѓањето на вечера. Бил во војна со родителите. Неговото адолесцентско однесување може не изгледа како ништо посебно бидејќи многумина од нас поминале низ слична фаза на бунтовност.

Но, ако се вратиме во 1968 година, околу 3.000 основци од Луксембург правеле тест за интелигенција и давале одговори за своите чувства во врска со училиштето. Нивните наставници исто така пополнувале прашалник за однесувањето на своите ученици. Подоцна, истражувачите го оценувале и семејството на учениците. Во 2008 година истражувачите се навратиле на податоците за да видат кои особини во детството можат да предвидат успех во кариерата и заработката. Можеле да дојдат во контакт со 745 ученици, кои тогаш имале 52 години. Психолозите биле изненадени од резултатите. Имено, освен стандардните карактеристики за коефициентот на интелигенција, социјално-економскиот статус на родителите и постигнатото образование, она што исто така ја предвидувало високата заработка е и кршењето на правилата и противењето кон авторитетите.

Во овој момент не е јасно зошто кршењето на правилата се покажало како позитивна особина. Истражувачите велат дека е можно таквите луѓе да се склони кон залагање за себеси, што може да доведе кон подобра финансиска ситуација.

Во меѓувреме, други студии покажале слични резултати: една студија открива дека оние што се согласуваат речиси со сите заработуваат помалку пари отколку оние што покажуваат дека со нешто не се согласуваат. И Стив Џобс често не се согласувал со мнозинството, па преземал ризици, но и го отфрлал она што мислел дека не е во негов интерес.

Се разбира дека ова истражување не треба да охрабрува бегање од часови, на пример, или војна во домот. Но, ако родителите забележат пркос кај децата и тенденција за анализирање на некои правила, спротивставување и залагање за себе, тогаш можеби тоа се позитивни особини што треба да се негуваат.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот