X
 02.02.2018 Живот

Како е да се биде дел од „Хабспот“, најпосакуваната компанија за работа годинава

хабспот

Во 2014 година Росалија Кефалу добила луда идеја.

Со оглед на тоа што била огромен фан на Џастин Тимберлејк, таа сакала да го следи на неговата едногодишна турнеја низ целата земја. Меѓутоа, имала полно работно време како соработник маркетинг-менаџер во „Хабспот“ во Кембриџ, Масачусетс.

Една од често нагласуваните придобивки од работењето во „Хабспот“ е флексибилноста да го приспособите вашиот работен ден - меѓутоа на Кефалу не ѝ бил потребен само еден слободен понеделник. Требало цела година да биде надвор од работното место.

Разбирливо, таа била нервозна пред да го праша својот менаџер за дозвола. Но се шокирала кога нејзиниот менаџер ѝ рекол: „Супер. Забавувај се и испрати ни фотографии. Сигурен сум дека ќе си ја работиш работата“.

„Ме изненади тоа што менаџерот ми дозволи да направам нешто што ме прави среќна, а сепак да бидам продуктивна во мојата работа“, вели таа.

Токму оваа поддршка и флексибилноста се она што ја прават „Хабспот“ една од најдобрите компании за работа во Америка.

Оваа година „Хабспот“ беше рангирана како трета најдобра технолошка компанија, зад „Гугл“ и „Фејсбук“, според „Гласдор“.

„Хабспот“ е компанија за софтверски производи со седиште во Кембриџ и канцеларии низ целиот свет - вкупно 1.960 луѓе работат во компанијата.

hubspot
Фото: HubSpot

Голем дел од вработените имаат оставено неверојатно позитивни рецензии на „Гласдор“ за оваа компанија. „Во текот на целиот ден опкружен сум со брилијантни, паметни и амбициозни луѓе“, пишува еден вработен за оваа компанија.

„Ние сме тим, не семејство“

Голем дел од културата „Хабспот“ ја позајми од „Нетфликс“. Всушност, поранешниот ловец на таленти на „Нетфликс“; Пети Мекорд, ја советувала „Хабспот“ при развивањето на сопствената култура.

На една страница од „културниот код“ на „Хабспот“ пишува: „Ние сме тим, а не семејство. Ние вработуваме и развиваме паметно за да имаме ѕвезди на секоја позиција“.

Што точно значи тоа? „Ако некој не е потребен во компанијата, или поради лошиот перформанс на работа или затоа што потребите на компанијата се промениле - вработениот си заминува. Добрата работа е што менаџерите не очекуваат нивните вработени да останат во компанијата засекогаш како знак за лојалност“, вели Мекорд.

Кејти Брук, главен службеник во одделот за човечки ресурси, вели дека „Нетфликс“ исто така влијаеше врз „Хабспот“ за нагласување на автономијата на вработените. „На луѓето им даваме јасна насока кои се нашите цели. Им кажуваме каде сакаме да одат, им ја даваме дестинацијата и не им кажуваме на кој начин треба да стигнат дотаму“.

2
Фото: Hubspot

Маркус Ендрјус веднаш забележал колкава слобода им се дава на вработените кога тој се вклучил во „Хабспот“ во 2015 година како главен маркетинг-менаџер на производи.

Ендјрус, кој претходно работел во „Гугл“, вели дека двете компании се многу послични отколку што некои луѓе мислат, но тој ја наведе автономијата во „Хабспот“ како една од најголемите разлики меѓу нив.

„Имате голема помош и насоки од вашите менаџери или тимови, меѓутоа, имате огромна автономија да го однесете проектот во насока во која вие сакате“, вели тој.

Кристијан Кинеар е менаџерски директор на „Хабспот“ во Европа, Средниот Исток и во Африка. Пред да се вклучи во „Хабспот“ во 2015 година, работел во канцелариите во „Гугл“, каде што научил за важноста човек да размислува на големо. Сега, со „Хабспот“ веќе знае како да ја гледа големата слика и да се насочи на проектот на кој работи.

Една од неодамнешните иницијативи на „Хабспот“ е да им даде поголема поддршка на родителите што работат.

Ло Ли го родила своето прво дете во август 2017 година, по помалку од една година откако се преселила и започнала да работи како постар дизајнер на производи во „Хабспот“.

„Компанијата беше супер стабилна сила во текот на целата оваа промена“, вели Ли, мислејќи на процесот на забременувањето, добивањето дете, родителското отсуство и враќањето на работа. Таа вели дека сето тоа е поврзано со подготвеноста на компанијата да учи. „Компанијата е отворена за повратни информации“, вели таа.

хабспот
Фото: HubSpot

Сепак, едни од најсилните причини зошто „Хабспот“ е една од најатрактивните компании меѓу луѓето на 20 и нешто години се силните врски што се развиваат меѓу вработените. Кога сте релативно млади, а особено ако сѐ уште не сте во брак и немате деца, тогаш сте повеќе склони да ги гледате вашите соработници како пријатели или како пошироко семејство.

Емпатијата неодамна беше именувана како една од петте основни вредности на „Хабспот“ (петте основни вредности се: смирен, приспособлив, емпатичен, извонреден, транспарентен). Всушност, новите вработени имаат можност да направат тест за емпатија.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот