X
 02.02.2018 Култура

Македонија побара од УНЕСКО да нѐ почека за извештајот за Охрид – треба да се преведе на англиски

Охридското Езеро има двојна заштита од УНЕСКО - како природно и како културно наследство. Интересно е што кога се заштитувал Охрид како природно (во 1979) и како културно наследство (во 1980 година), биле земени предвид многу широки граници. Така, денес УНЕСКО не го штити само градското јадро, туку и црквите, Галеријата со икони и археолошките локалитети


Охрид, фото: Pixabay

Македонија побарала од Комитетот на УНЕСКО за неколку дена да се продолжи рокот за доставување на извештајот за активирање на препораките што треба да спречат Охрид да биде ставен на листата на светско културно и природно наследство во опасност.
- Извештајот е речиси готов, но треба да помине низ финални проверки на податоците во соодветните служби на надлежните министерства и други државни органи. Исто така, треба да се преведе и на англиски јазик – велат од службата за односи со јавноста при Министерството за култура.

Тие додаваат дека треба да се има предвид дека во последните шест месеци Македонија се соочуваше со деликатни општествени процеси - трансферот на власта и одржувањето на локалните избори. Поради тоа, извесен период институциите не можеле да ги спроведуваат препораките.

Денеска истекува рокот кој Комитетот за светско наследство на УНЕСКО ѝ го зададе на нашата земја, а беше усвоен лани во јуни, на 41. сесија на Комитетот за светско наследство што се одржа во Краков, Полска. На Македонија ѝ беше даден рок од седум месеци да го подготви и да го поднесе извештајот за напредок во имплементацијата на препораките од здружената Реактивна мониторинг-мисија на Центарот за светско наследство, IUCN и ICOMOS. Ова е дел од процедурата што државата треба да ја преземе за да не се најде Охрид во неповолна позиција - прво да биде ставен на листата на светско наследство во опасност, а потоа и сосема да го изгуби приматот на светско наследство.


Црквата „Св. Климент“ на Плаошник, фото: Pixabay

- Македонија во овој период презеде многу активности за адресирање на забелешките и препораките на Комитетот на УНЕСКО дадени во Краков. Очекуваме позитивен и охрабрувачки извештај. Од УНЕСКО ќе побараме препораки и по други важни прашања за заштитата на културното и природното наследство во Охрид, што е наш врвен приоритет. Секако дека извештајот и деталите за состојбата со заштитата на Охрид ќе бидат споделени со нашата јавност штом ќе биде официјализиран извештајот – велат од Министерството за култура.

Според предложениот распоред на Реактивната мониторинг-мисија (стр.71), Македонија треба да ги заврши следниве обврски:
  • Трајно отфрлање на планот за ски-центар во националниот парк Галичица.
  •   Трајно отфрлање на секциите А и Е и суспендирање на останатите секции од планираниот експресен пат А3 низ националниот парк Галичица.
  •   Прогласување мораториум на сите градежни модификации на крајбрежјето и урбаното подрачје во рамките на светското наследство, сè додека не се изработат сите релевантни плански документи (План за управување, Урбанистички/Мастер-план за крајбрежјето врз основа на Исклучителната универзалната вредност (ИУВ) на доброто итн.), не се прифати соодветна правна регулатива и не се воспостави ефикасна контрола.
  •   Изработка на темелна процена за утврдување на заштитната зона на светското наследство, што би го вклучила и Преспанското Езеро.
  •   Иницирање стратешка оцена за влијанието врз животната средина (СОЖС) за Планот за управување со Охридскиот Регион 2016-2025.
  •   При изработката на СОЖС, строго да се внимава на кумулативните влијанија од какви било инфраструктурни проекти (крајбрежни и урбани) врз ИУВ на доброто. Истата да биде поднесена до Центарот за светско наследство пред да се преземат какви било одлуки што би биле непоправливи.
  •   Стопирање на процесите на легализација на бесправно изградените објекти сè додека не се направи нивна евиденција и не се изработи оцена на влијанието врз природното и културното наследство на сите нелегално изградени објекти.
  •   Ригорозна примена на законите за да се спречи секакво нелегално градење.
  •   Вклучување на локалната заедница и невладините организации кон вистински партиципативен приод кон управувањето со светското наследство.

 

Природното наследство на Охрид, фото: Pixabay

 

Охридското Езеро има двојна заштита од УНЕСКО - како природно и како културно наследство. Интересно е што кога се заштитувал Охрид како природно (во 1979) и како културно наследство (во 1980 година), биле земени предвид многу широки граници. Така, денес УНЕСКО не го штити само градското јадро, туку и црквите, Галеријата со икони и археолошките локалитети. Експертите велат дека, од друга страна, тоа многу ја отежнува заштитата.

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура