X
 05.02.2018 Култура

Работниот ден на еден археолог

Токму работните фотографии во вистинско светло ги претставуваат подготовките и работниот ден на еден археолог, студент или работник, како и целата околина. Сакавме да ги собереме тие фотографии на едно место и да ги прикажеме најинтересните моменти и ситуации во текот на еден работен ден, вели Радомир Ивановиќ од Институтот за археолошки истражувања од Скопје


Наградени дела на една од изложбите

Студенти, археолози, конзерватори, фотографи, работници, нуркачи... секој што се затекнал на археолошко истражување и направил интересна фотографија од ископувањето може да се пријави на изложбата Archaeology in Progress, која веќе три години се организира во Македонија. Фотографиите од последното, трето издание, кон крајот на месецот ќе учествуваат на реномираниот фестивал „Сараевска зима“.
- Многу нè радува фактот дека првпат Archaeology in Progress ќе се претстави и надвор од нашите граници, со што дополнително ќе придонесеме за промоција на археологијата и на нашето богато културно наследство – вели Радомир Ивановиќ од Институтот за археолошки истражувања од Скопје, невладина организација која ја организира изложбата.


Радомир Ивановиќ

Целата приказна почна пред неколку години, раскажува Радомир. Сите археолози додека се на археолошко истражување прават стотици фотографии во денот. Дел од нив се од официјалната документација, а дел се работни археолошки фотографии.
- Токму работните фотографии во вистинско светло ги претставуваат подготовките и работниот ден на еден археолог, студент или работник, како и целата околина. Сакавме да ги собереме тие фотографии на едно место и да ги прикажеме најинтересните моменти и ситуации во текот на еден работен ден – вели тој.

Археолозите не се трагачи по егзотични богатства

Распишале конкурс, отворен за сите што направиле фотографии од археолошко истражување, без разлика дали се професионални фотографи или аматери. Од пристигнатите фотографии со помош на стручно жири, но и со гласање на „Фејсбук“ ги избрале најдобрите 30, кои беа претставени на изложбата, а за трите најдобри обезбедиле и симболични награди.
Првото издание на Archaeology in progress се одржало во 2012 година, во просториите на Националниот комитет ICOMOS во Безистенот на Старата скопска чаршија. Оттогаш изложбата е претставена во Куршумли ан, музејот „Теракота“ во Виница, неолитското село Тумба-Маџари и во Археолошкиот музеј на Македонија.


Претставници на жирито ги разгледуваат фотографиите

- Целта е да ги претставиме најдобрите фотографии од археолошките истражувања во изминатите години. Да ја промовираме археологијата, но и да го срушиме стереотипот во пошироката јавност - дека археолозите се само трагачи по егзотични богатства - објаснува Ивановиќ.
Најдобрите фотографии секоја година се ставаат и во видеокаталог, достапен на „Јутјуб“. Досега главен поддржувач на изложбата е нашето Министерство за култура преку Националната програма за култура.

Изненадувачки одѕив уште од почетокот

Иако изложбата е меѓународна, може да се пријави секој - студенти, археолози, конзерватори, фотографи, работници, нуркачи, буквално секој што направил работна археолошка фотографија со добар квалитет.
- Многу се изненадивме што веднаш почнаа да пристигнуваат фотографии од странство. Така изложбата доби меѓународен карактер. Досега имаме добиено фотографии од Азербејџан, Словенија, Словачка, Унгарија, Обединетото Кралство, Романија, Полска, САД, Грција, Италија, Израел. Имаме фотографии од сите категории, но студентите се најмногубројни бидејќи тие, исто како и археолозите, често ја преземаат улогата на фотографи на едно археолошко истражување. За три години интересот за изложбата ги надмина дури и нивните очекувања. Очигледно беше дека ваков тип настани фалат на културната сцена. Најмногу фотографии пристигнуваат од студентите и од археолозите. Но, бидејќи археологијата не се одвива само на терен, сме имале фотографии и од кабинетски истражувања, подводни археолошки фотографии, фотографии од експериментална археологија итн. – објаснува Радомир.


Од изложбата

Од 23 до 25 февруари, последното издание на изложбата Archaeology in Progress Vol.3 ќе биде на реномираниот фестивал „Сараевска зима“ во Босна и Херцеговина.
- Изложбата ќе биде отворена во Историскиот музеј на БиХ во Сараево. Многу нè радува фактот што првпат Archaeology in Progress ќе се претстави надвор од нашите граници. Така дополнително ќе придонесеме за промоција на археологијата и на нашето богато културно наследство – вели Ивановиќ.
Тоа е дел од основните цели на Институтот за археолошки истражувања - заштита, промоција и популаризација на археологијата и културното наследство во целина преку различни проекти кои ја доближуваат археологијата до пошироката јавност и ја зголемуваат свеста за важноста на културното наследство. Институтот досега реализирал повеќе мултидисциплинарни проекти од различни полиња. Некои се од областа археологија за пошироката јавност, дел се истражувачки, а дел се за промоција и популаризација на културното наследство.

„Археопаркот Бразда“ – дел од одбележувањето на Европската година на културното наследство 2018

Еден од позначајните проекти е „Археопаркот Бразда“, чија цел е да се заштити и да се презентира редок пример од светското културно наследство, да се подигне културната свест на локалните власти и локалното население во Општина Чучер-Сандево за овој значаен споменик на културата, кој се наоѓа во нивната близина.
Ивановиќ објаснува, по опсежните активности во 2012 да се создаде паркот, дека тие секоја година се грижат за неговото одржување и промоција. Ја реализираат на повеќе начини – преку продукција на кратки документарни филмови, аеровидео, печатење и дистрибуција на разен промотивен материјал, преку социјалните медиуми и на страницата на Археопаркот „Бразда“.
- Особено нè радува што од годинава нè поддржува и Делегацијата на Европската Унија, како еден од 12. проекти со кои ќе се одбележи Европската година на културното наследство 2018 – вели Радомир.


Пред влезот на Археопаркот „Бразда“, Скопско

Ќе биде организиран јавен настан во самиот археопарк – ќе биде прикажан документарен филм, изложба на фотографии од активностите на локалитетот и неговите природни убавини, едукативни предавања на децата од локалното основно училиште за значењето и грижата за културното наследство и едукација на локалната администрација за туристичките потенцијали што овој парк заедно со останатото културно наследство ги нуди за развојот на културниот и руралниот туризам во општината.


Редовно уредување на археолошкиот локалитет „Бразда“

На прашањето колку е државата отворена во граѓанската (вонинституционална) поддршка на археологијата како наука, тој вели дека за сите проекти Министерството за култура им излегло во пресрет.
- Имаме добра соработка и со повеќе национални и локални музеи, и за тоа сме многу благодарни. Секако дека може да биде подобро, преку национална стратегија која би била насочена кон поактивно промовирање на културното наследство во соработка со локалните самоуправи, приватниот и граѓанскиот сектор, но и со поголема соработка со странство – вели Ивановиќ.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура