X
 19.02.2018 Култура

Македонската „Миланска скала“ изградена пред два века, за инает на соседното маало

„Св. Пантелејмон“ се смета за врв во градителската дејност на Андреја Дамјанов. Градена е како трикорабна базилика, од двете бочни страни опфатена со тремови кои на катот минуваат во галерии. Дамјанов е таму погребан


Црквата „Св. Пантелејмон“ во Велес

Изградена за инает на богатите велешани отаде Вардар, како симбол на нивната надмоќ и доминантност, и по два века останала еден од најважните споменици на културата во градот. Високо, над гробиштата, каде што летаат орлите и самата карпа била издлабена за да се изгради црквата „Св. Пантелејмон“. Осветена пред средината на 19 век, ја изградил Андеја Дамјанов, кој се нарекува и првиот архитект и мајстор на градителството во преродбеничкиот македонски период. Тој, покрај убавината на своите дела, особено внимавал на нивната акустика. Поради тоа, многумина ја нарекуваат црквата македонска „Миланска скала“. Храмот го сликал Ѓорѓи Зографски, еден од основоположниците на македонската профана уметност.


Анита Василкова-Мидоска, директорка на велешкиот музеј

Секој објект, секоја градба има своја приказна. Оваа почнала во првата половина на 19 век, кога неколку богати христијански семејства од Велес заминале во Цариград да побараат дозвола од тогашната цариградска власт да ја изградат црквата.
- Таа е вметната во релјефот на Велес. Дури и дел од карпата е пресечен за да може да се смести црквата. Затоа нема влез од западната страна, како што е правило во сите цркви, туку се влегува од јужната страна. Најчесто се почитува вертикалата запад-исток – вели д-р Анита Василкова-Мидоска, директорка на народниот музеј во Велес.

„Св. Спас“ – пандан на другиот брег на Вардар

Кога добиле дозвола да ја градат, неимарите максимално го искористиле расположливиот простор, урнале дел од карпата и ја изградиле црквата. Но, постојат приказни дека имало одредено ривалство помеѓу населението на левиот и на десниот брег на реката Вардар.
- Наспроти „Св. Пантелејмон“ од другата страна на реката е црквата „Св. Спас“. Секогаш помеѓу тие две цркви и маала постоел одреден ривалитет. Така, кога ја граделе „Св. Пантелејмон“, ја искористиле можноста да ја потенцираат својата надмоќ. Двете цркви комуницираат меѓу себе, изградени се во тој период. И таму сликале Зографски и неговите наследници – објаснува Василкова-Мидоска.


Црквата во 1930 година

Според неа, постојат индикации дека на местата на двете цркви претходно постоеле култни свети места. Во случајот со „Св. Пантелејмон“, кога достоинствениците од Велес отишле да бараат дозвола да ја градат црквата, го побарале тоа место оти тука постоела света вода. - Досега немало археолошки истражувања, но има пишани документи дека на темелите има и постари градби. Засега сè е претпоставка, но историјата и традицијата нè потсетуваат на стремежот да се запази култното на местото, без разлика од кој период потекнува – вели Василкова-Мидоска.

Карпа колку автомобил падна во дворот на црквата

Црквата е прогласена за споменик на културата, но е под јуриздикција на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, односно на Повардарската Епархија. Тие се грижат за црквата, која денес е во добра состојба. Во еден период имало извесни репарации на таванските простории од галерискиот простор, но денес се санирани.


Галеријата во црквата

Пред повеќе од десет години „Св. Пантелејмон“ за влакно избегна несреќа, кога карпа голема колку автомобил се откина од ридот над црквата, разори десетина гроба и заврши во дворот, покрај објектот каде што е сместена црковната администрација. Тогаш увид во несреќата направија група градежни инженери, ангажирани од Министерството за култура, преку Управата за заштита на културното наследство и Националниот центар за конзервација. Тие оценија дека тоа што се случило е природна појава - се одронил дел од карпата.


Ентериерот денес

- Причина за одронот е природната градба на теренот, кој се создавал милиони години. Карпите се многу стари и имаат такви карактеристики, што може да предизвикаат ваква појава – изјави тогаш Милорад Јовановски од скопскиот Градежен факултет. Андреја Дамјанов (1813 - 1878) е роден во познато семејство на мијачки градители во велешкото село Папрадиште. Се смета за еден од најголемите градители на сакрални објекти на Балканот од периодот на македонската преродба. Со своите браќа градел цркви во Македонија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина и во други земји на Балканот. Неговата градителска умешност била забележана и во Европа, особено од патописците што Андреј го споменуваат како вреден и ценет мајстор. „Св. Пантелејмон“ се смета за врв во неговата градителска дејност. Градена е како трикорабна базилика, од двете бочни страни опфатена со тремови кои на катот минуваат во галерии. Дамјанов бил таму погребан, а и денес таму почива. Тој ги изградил и манастирската црква „Св. Јоаким Осоговски“ (1845 г.), „Св. Богородица“ (1850 г.) во Ново Село, црквата „Св. Ѓорѓи“ (1855 г.) во Смедерево и други.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура