X
 04.03.2018 Живот

Која е најдобрата професија во САД?

Трета година по ред научниците за податоци се рангирани како луѓе со најдобра професија во САД. Според податоците од веб-страницата „Глесдор“, нивната позиција има највисоки резултати со 4,8 од оцена 5. Резултатите се базираат на просечните плати, бројот на отворени позиции и просечната стапка на задоволство на вработените во оваа област.

фотоизвор: Glassdoor

Овие луѓе земаат просечна плата од 120.000 годишно, во моментов има 4.524 отворени работни места, а задоволството кај работниците има оцена 4,2 од 5.

Оние што се вработени на оваа позиција сметаат дека се работи за навистина возбудлива област, бидејќи сè повеќе компании го сфаќаат потенцијалот што се крие во нивните податоци. Научниците за податоци можат да влијаат врз одлуките што ги носат менаџерите, во врска со продуктите или, пак, бизнисот и стратешките одлуки. Работата може да вклучува и креирање контролни табли за презентирање на податоците на појасен, визуелен начин.

Има разлика помеѓу научник за податоци и инженер за податоци бидејќи инженерот е одговорен за осигурувањето дека научниците за податоци ги имаат сите потребни податоци навреме. Односно, тие се одговорни за конструирање на големите количини податоци и често користат комплексни алатки и техники за да создадат ред, што значи повеќе се насочени кон софтверски развој.

Како и кај многу професии, и припадниците на оваа професија велат дека секој ден може да биде различен од претходниот. Се работи за комбинации од кодирање, читање извештаи, комуникација со менаџери, инженери за податоци и слично. Често овие луѓе не се сфатени, односно се смета дека нивната работа не е значајна, но сепак тие имаат огромно влијание врз одлуките од менаџерите.

Овие луѓе треба да имаат и технички и претприемачки вештини за да успеат во својата улога:

• „SQL“
• „Some Python“
• „R“
• Моделирање
• Изработување контролни табли и графикони
• „Hadoop“

Образованието што е потребно зависи од улогата која ќе биде дадена во одредена компанија. Некои повеќе се фокусираат на аналитичност, па доволни се само дипломски студии, но кај некои потребни се и дополнителни сегменти од областа на науката, инженерството и технологијата.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот