X
 07.03.2018 Култура

Исклучете ги мобилните, не доцнете, не разговарајте – видеопораки за бонтон

Театарски уметници изработија 12 едноминутни видеа по иницијативата на „Театар за сите“ на режисерот Милош Б. Андоновски




Македонски актери од неколку театри, театарски режисери и драматург во следниве 11 дена на социјалните мрежи ќе споделуваат едноминутни видеа во кои ќе посочуваат на пристојното однесување на публиката во театар. Актерот Оливер Митковски од Македонскиот народен театар прв го скрши мразот со видеото што е онлајн од вчера.



Денешната порака ја упатува актерот Благој Веселинов.



Во наредните денови порака ќе упатат и: актерките Јелена Јованова, Наталија Теодосиева, Амернис Нокшиќи – Јовановска, Мартин Јордановски, Симона Спировска, Јасмина Василева, Благој Веселинов, режисерите Милош Б. Андоновски и Нина Николиќ, драматургот Билјана Крајчевска, инспициентот Никола Кимовски. Оваа онлајн-образовна иницијатива е дело на „Театар за сите“. Иницијативата „Лекции за театарски бонтон“ е дел од одбележувањето на 27 Март, Светскиот ден на театарот.
Театарските уметници зборуваат и коментираат на различни теми во своите лекции, на пример, зошто треба да се доаѓа навреме во театар; како сликањето со блиц им пречи на актерите, но и на другите во публиката; зошто храната и пијалаците за време на претставата се проблем; важноста на редовното одење во театар; поддршката на независната театарска сцена и др.
- Ја споделив идејата за иницијативата со повеќе колеги, поголемиот дел од нив се огласија веднаш и ја поддржаа без двоумење. Ги распределивме темите, односно кој за што би зборувал, некои од нив понудија и свои видувања, па ги доработивме. Целта ни е културата на одење во театар и однесувањето за време на претставите кај публиката да се променат и да се подобрат. Публиката, сепак, еднакво учествува во креирањето на театарскиот чин – вели Андоновски.

Веселинов и Нокшиќи-Јовановска во сцена од „Разговор во четири очи“ на Нина Николиќ

„Театар за сите“ е идеја за училиште кое ќе овозможи театарската уметност да биде достапна за сите, без разлика на возраста, професијата и интересите. Тоа е простор во кој се учи и дискутира за театар, се едуцира нов бран театарска публика која на поинаков начин ќе ги гледа театарските претстави. Неопходно е да се прави разлика околу тоа што е квалитетно, а што не во театрите, ако сакаме подобар театар. „Театар за сите“ постои веќе една и пол година и нуди неколку образовни програми и модули.
„Отворените часови“, кои се случуваат еднаш месечно и секој од нив е на различна тема и со различен гостин од сферата на театарот и изведбените уметности, се едни од најпосетените. Отворени се и бесплатни за сите и на вкупно петте организирани отворени часови досега присуствувале повеќе од 220 посетители.

„Театар за сите“ на 27 март ќе го организира најголемиот отворен час досега во „Јавна соба“. Темата ќе биде: „Независна, алтернативна театарска сцена“, а гости ќе бидат членовите на Здружението „Артопија“, познати по своите претстави „Да го поздравиш и да ми го бациш“, „Експеримент“ и „Ужегнатост“.
Се надеваме дека и театрите ќе ѝ се приклучат на оваа иницијатива и дека ќе ги споделуваат видеата/лекциите на своите профили на социјалните мрежи, оти ова го правиме за подобро театарско дејствување, додава режисерот Андоновски.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура