X
 17.03.2018 Живот

„Јас сум пушач, но никогаш не би јадел на место каде што се пуши“

Дел од гостите слободно палат цигари и внатре во кафулето, иако на масите нема пепелници, а има и знаци дека пушењето е забрането. Кога ќе ги опоменеме, велат: Владата дозволи да се пуши, вели сопственик на кафуле во центарот на Скопје.


Фото: Pixabay

Интензивен чад од цигари во целосно покриените летни тераси, но и пушење внатре во затворените објекти на кафулињата и кафеаните, е сликата што денеска може да се затекне во угостителските локали низ земјава. Угостителите и гостите почнаа по свое да си го толкуваат Законот за заштита од пушењето, чии измени пратениците ги донесоа вчера по итна постапка, а кои сѐ уште не се стапени на сила.

Според измените, пратениците дозволија пушење во целосно покриените летни тераси на угостителските локали, а сѐ уште се забранува пушењето во затворените делови на локалите, како и во јавните установи, канцелариите, автобуските и железничките станици и сл. Сепак, веста дека е изгласан нов Закон за забрана од пушењето ги охрабри гостите на кафулињата и кафеаните да пушат каде сакаат, а угостителите воопшто не се противат на тоа или пак се немоќни да се справат со самоволието на гостите.

- Навистина не знам како да се поставам. Дел од гостите слободно палат цигари и внатре во кафулето, иако на масите нема пепелници, а има и знаци дека пушењето е забрането. Кога ќе ги опоменеме, велат: Владата дозволи да се пуши. Не знам дали се неинформирани што конкретно значат измените во законот или пак така им одговара. Од друга страна, на дел од гостите тоа им пречи и гласно негодуваат, а дел и го напуштаат локалот револтирани зашто и внатре се пуши – вели сопственик на кафуле во центарот на Скопје.

Во меѓувреме, не стивнуваат реакциите на социјалните мрежи. Непушачите, но и голем дел од пушачите, се крајно незадоволни од владината одлука да дозволи пушење на покриените летни тераси. Многумина констатираат дека со измените во законот се легализираат и сите импровизирани објекти кои претставуват покриени летни тераси, заградени со најлони, пластична фолија, стакла и сл. Во гневните коментари на социјалните мрежи може да се прочита:

„Ќе се пуши по шупите. Тоа не се тераси, тоа се шупи без никакви стандарди и вентилација... Мизерија“.

„Кој треба да ги заштити оние што не го загрозуваат туѓото здравје, а Законот им дозволува на пушачите тоа да го прават. Држава која профитот на кафеаните го става пред здравјето на својата нација не ја сметам за добронамерна“.

„Ова ли се тие мерки против загадувањето што ги спомнуваше Владата?“

„Јас сум пушач, но никогаш не би јадел на место каде што се пуши“

„Само бојкот на кафеаните и кафулињата е лекот, да видат што навистина е пад на прометот“

Според податоците на Светскиот тутунски атлас, Македонија е четврта земја во светот според конзумирањето цигари по глава на возрасен жител. Според овие податоци, просечен возрасен Македонец годишно пуши по 2.732 цигари. Повеќе цигари годишно пушат само жителите на Либан, Белорусија и Црна Гора. Истражувањето што го спроведе американскиот Институт за метрика и евалуација на здравството покажа дека дури 37 отсто од населението во Македонија се пушачи,односно 740.000 граѓани од земјава пушат. Интерната статистика на Институтот за јавно здравје, пак, покажува дека секој пушач во Македонија годишно купува околу 115 кутии цигари.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот