X
 18.03.2018 Живот

Кина ќе им забрани на луѓето со слаб социјален рејтинг да патуваат со авион и воз

Почнувајќи од мај, кинеските граѓани кои се рангирани на ниско ниво во системот за социјално кредитирање, можеби ќе добијат забрани да купуваат авионски билети или билети за возење со воз, а мерката, според изјавите објавени од страна на Националната комисија за развој и реформи во земјата, би траела до една година.


Фото: Pixabay

Со социјалниот кредитен систем, кинеската влада ги оценува граѓаните врз основа на нешта како криминално однесување и финансиска злоупотреба, но и според она што тие го купуваат, велат и прават. Оние со слаби резултати треба да се справат со казни и ограничувања. Кина работи на претставување на целосна верзија на системот до 2020 година, но некои рани верзии на истата се веќе воспоставени.

Претходно, кинеската влада се фокусираше на ограничување на патувањето на луѓе со огромни суми на долг, како основачот на „ЛеЕко“ и „Фарадеј фјучр“, Ѓа Јуетинг. Новите ограничувања за патување се најновиот додаток на оваа растечка комбинација на социјалниот инженеринг, која веќе наметна казни за повеќе од седум милиони граѓани. И има широк спектар кога станува збор за тоа кој може да биде обележан. Граѓаните кои шират лажни информации за тероризмот, предизвикуваат проблеми на летови, користат билети на кои им истекол рокот или биле фатени дека пушат во воз, сите може да добијат забрани.

Но, системот е нејасен. Веројатноста дека граѓаните ќе бидат обележани е иста и за оние кои прават мали прекршоци како оставање велосипеди на пешачка патека или извинување кое се смета за неискрено, и за должници како Ѓа. И често е нејасно дали тие се на црната листа.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот