X
 19.03.2020 Технологија

Израел ќе ги следи мобилните телефони на лицата заразени со коронавирус

Владата на Израел одобри мерки за итни случаи за пронаоѓање лица за кои постои сомнение или е потврдено дека се заразени со коронавирус со следење на нивните телефони, со што веднаш се предизвика загриженост за приватноста во земјата.

Кабинетот едногласно ја одобри употребата на технологијата - развиена првично за борба против тероризмот.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека властите ќе ги користат податоците за да ги известат луѓето кои можеби биле во контакт со некој заразен со вирусот, а исто така и за спроведување наредби за карантин.

Во телевизиски говор Нетанјаху изјави дека компјутерскиот мониторинг ќе биде активен во период од 30 дена.

- Израел е демократија и ние мора да го одржиме балансот помеѓу граѓанските права и потребите на јавноста. Овие алатки ќе ни помогнат да ги лоцираме болните и да го спречиме ширењето на вирусот - изјави тој.

izrael
Фото: Screenshot/Youtube

Здружението за граѓански права во Израел соопшти дека новите тајни овластувања на внатрешната агенција за безбедност на земјата е опасен преседан и мора да се пристапи и да се реши по многу дебати, а не по кратка дискусија.

Неколку земји користат слична технологија за дигитално следење на ширењето на вирусот, иако со различни степени на инвазивност. Иран е обвинет дека барал од луѓето да ја преземат апликацијата во која се тврди дека помагаат во идентификувањето на симптомите на коронавирусот, но наместо тоа, земјата собирала податоци за локацијата на граѓаните.

Кина го прошири својот веќе масовен надзор, при што телекомуникациските оператори ги следат движењата на луѓето додека компаниите ја користат технологијата за препознавање на лицето.

Во Јужна Кореја владата испрати пораки до јавноста дека детално го следат движењето на луѓето на кои неодамна им бил дијагностициран вирусот. Целта е да помогнат да се идентификуваат нови случаи и оние што се изложен на ризик, но честопати служат за изложување на срамни лични информации. Иако пораките не покажуваат имиња, тие покажуваат детали за полот и возраста.

Во Израел се доведува во прашање надлежноста на Нетанјаху да спроведува вакви мерки. Земјата се бори со коронавирусот додека истовремено е во континуирана политичка криза, при што Нетанјаху има улога на привремен лидер. Неговиот противник, Бени Ганц, е назначен за премиер и се обидува да формира влада иако е нејасно дали ќе има доволно пратеници што ќе го поддржат.

Извор: The Guardian
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија