X
 19.07.2023 Наука

Ова ќе биде најстуденото лето во вашиот живот, предупредува научник од НАСА

Здравствените власти во Европа, Северна Америка и Азија алармираат поради немилосрдните горештини и ги повикаа луѓето да се засолнат од жешкото сонце и да пијат доволно течности, јавуваат агенциите и посочуваат дека Европа е континент кој најбрзо се загрева.

Светската метеоролошка организација предупреди дека топлотниот бран ќе стигне и до Северна Африка и дека ќе биде полош од оној што моментално се наоѓа над Медитеранот. Делови од Јужна Европа се соочуваат со топлотен бран кој носи највисоки температури оваа година.

Европската вселенска агенција вчера прогнозираше 48  Целзиусови степени во Сицилија и Сардинија, но други синоптичари очекуваат дека највисоката температура таму ќе биде околу 46 степени. Италијанските служби предупредија да се подготват за најинтензивниот топлотен бран на летото и еден од најинтензивните на сите времиња.

Франција вчера се соочи со температури над 40 степени во некои делови од земјата. Корзика и делови од Јужна и Југоисточна Франција беа погодени од највисоки температури, а ноќните температури останаа високи.

Шпанија се бори со третиот топлотен бран ова лето. Во Мадрид температурите ќе достигнат речиси 40 степени, по што ќе се спуштат до 30 и викендов повторно ќе почнат да растат.

Температурите во Грција во последните денови се искачија на над 40 степени. Властите беа принудени да го затворат Акропол во Атина минатиот петок и повторно во текот на викендот.

Ова е најстуденото лето до крајот на вашиот живот, вели научник од НАСА

- Повеќето луѓе сè уште не ја знаат опасноста во која се наоѓаат. Ова ќе биде најстуденото лето до крајот на вашиот живот и ова треба да биде страшно - пишува научникот Питер Калмус на неговиот твитер-профил.

Тој повика да се запре употребата на фосилни горива што е можно поскоро, пред во следниот твит да објасни дека секогаш ќе има регионални и меѓугодишни варијации, но во просек топлотните трендови значат дека ова ќе биде најстуденото лето на глобално ниво, многу долго време.

Тој додаде дека планетата би можела да почне да се лади до крајот на векот доколу светот и општеството влезат во климатска вонредна состојба.

Извор: 6yka.com
Фото: University of Maine
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука