X
 20.01.2021 Наша тема

Ќе ги спасиме ли Охрид и Охридското Езеро?

Додека активистите од граѓанскиот сектор обвинуваат дека не се исполнуваат барањата на УНЕСКО за заштита на Охридскиот регион и помош бараат и од претседателот на државата Стево Пендаровски, од надлежните државни институции убедуваат дека кај нив е вклучен алармот и дека приоритет на Владата е зачувување на статусот на светско наследство на тој регион во УНЕСКО

По последните информации за извештајот на УНЕСКО дека малку е направено за исполнување на препораките за заштита на природното и културното наследство како и дека Планот за управување со Охридскиот регион, како едно од барањата на УНЕСКО, не се спроведува, повторно се конфронтираа дел од граѓанскиот сектор и надлежните државни институции.
Од Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион велат дека приоритет на Владата е зачувување на статусот на светско наследство на Охридскиот регион во УНЕСКО, и дека со најновиот нацрт извештај на УНЕСКО, со кој се предлага овој регион да се стави на листата на загрозени подрачја, е се уште најсилен аларм дека треба да се преземат непоходни активности за да се отстранат сите ризици кои го загрозуваат езерото.

По реакциите од невладините организации дека од последниот извештај на УНЕСКО досега многу малку е направено за исполнување на препораките за заштита на природното и културното наследство како и дека Планот за управување со Охридскиот регион, кој што беше донесен минатата година, како едно од барањата на УНЕСКО, не се спроведува и со него не се овозможува соодветна заштита, од Комисијата велат дека при носењето, во планот се вградени сите забелешки и од граѓанскиот сектор и од УНЕСКО.



Охридското Езеро, Студенчико Блато и Билјанини Извори да се стават под привремена заштита до носење на закон

Невладината орагнизација Фронт 21/42, минатата недела, по информациите дека со најновиот извештај на УНЕСКО, кој се уште е во нацрт, побараа од Претседателот на државата, Стево Пендаровски, да му наложи на Министерството за животна средина и просторно планирање да ги стави Охридското Езеро, Студенчико Блато и Билјанини Извори под привремена заштита, согласно Законот за природа, со што ќе се спречи натамошна трансформација на крајбрежјето се додека не се донесе Законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион. Фронт 21/42 бара претседателот да ѝ наложи на Владата итно да го почне процесот на усвојување на новиот Закон за управување со природно и културно наследство во Охридскиот регион. Според нив, потребна е нова јавна расправа за новиот закон, каде се неопходни одредени промени. Од оваа невладина организација велат дека доколку навистина Охридскиот регион биде ставен на листата на природно и културно наследство во опасност, тоа ќе биде голем срам за државата, но дека тоа може да биде и добро, бидејќи УНЕСКО ќе препорача конкретни активности што треба да се направат за зачувување на регионот.

-Засега не би коментирале делови од извештајот кој се уште не е излезен, туку е во нацрт верзија. Важно е да се разбере дека препораките за заштита на природното и културно богатсво мора да се испочитуваат, бидејќи незвисно од тоа дали е на листата на загрозени подрачја или не, доколку ништо не се направи и единствено може само да го загубиме статусот на Охридскиот реегион на светско наследство, а тоа е едно триесетете во светот, вели Искра Стојковска, од Фронт 21/42.

Овој закон беше даден во собраниска процедура уште преклани. Тогаш оваа невладина организација реагираше дека законот што е даден во собраниска процедура не ист со оној за кој се давале забелешки на јавната расправа и дека во него е вметната одредба со која за негово донесување е потребно бадентерово мнозинство. Набрзо потоа, законот беше повлечен од собраниска процедура, со образложение дека е потребна негова доработка.



Кабинет на Пендаровски: Претседателот има мали ингеренции на ова поле, но е отворен за сите иницијативи

Од кабинетот на Претседателот Пендаровски велат дека тој ги следи актуелните случувања во животната средина, заштитата на Охридскиот регион, и дека иако има мали ингеренции останува отворен за сите иницијативи.

„Иако ингеренциите на претседателот во овој домен се во помал обем, кабинетот останува на располагање за иницијативи кои се важни и релевантни. Претседателот ја поддржува одлуката на Владата, со која се инсистира на завршување на процесот на отстранување на сите бесправно изградени објекти кои се опасност за Охридскиот регион и за таа цел ќе се организираат иницијативи со градоначалниците на Охрид, Струга и Дебарца, за секоја институција итно да ги преземе сопствените одговорности, како и да се спроведе поништување на сите аспекти од штетните проекти кои се наследство од минатото“, велат од кабинетот на Претседателот Пендаровски.

Оттаму потсетуваат дека Претседателот неколку пати јавно истакна дека треба и да се направи сè што е потребно да се сочува статусот на светско наследство на Охридскиот регион.

„Претседателот повика на брза акција на државата која ќе биде мултидимензионална со вклучување на сите надлежни институции. Пред година и половина по првите предупредувачки сигнали што навестуваа неповолен развој на настаните, токму во Охрид, претседателот ги повика градоначалникот и луѓето што се надлежни во нашите институции да постапат по препораките на УНЕСКО“, велат за Факултети.мк од претседателскиот кабинет.



Репрогласување на Охридското Езеро за споменик на природата напролет

Кристијан Георгиевски, член на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и советник на премиерот Зоран Заев, вели дека е запознаен со барањата на невладината организација преку медиумите и дека нема детали за правните аргументи со кои тоа го бараат. Според него претседателот не би можел да направи таков налог врз кое било министертво согласно Уставот и поделеноста на властите.
Тој смета дека во случајов е позитивно што процесот за репрогласување на Охридското Езеро за споменик на природата е во тек се надева дека Министерството за животна средина и просторно планирање ќе успее тоа да го направи оваа пролет.

-Тоа ќе биде значајно за процесот на заштита и ќе овозможи соодветно и правно издржано зонирање на Езерото - вели Георгиевски.

Во однос на барањето Владата итно да го почне процесот на донесување на новиот Закон за управување со Охридскиот регион, Георгиевски објаснува дека сите органи кои имаат ингеренции работат на доразвивање и подобрување на системот за управување, координација и следење на заштитата во Охридскиот регион.

- Со постоечкиот закон, Комисијата за управување со природното и културно наследство на Охридскиот регион редовно работи и се грижи сите играчи во системот да ги почитуваат режимите на заштита утврдени со Планот за управување. До овој момент Комисијата има одржано шеснаесет седници на кои разгледува предлози и иницијатива поднесени од општините, министерствата како и граѓански иницијативи. Од вкупниот број на предмети во периодот 2018-2020, 51 процент се вратени за доработка или усогласување со Планот за управување, а само 19 проценти имаат добиено позитивно мислење. Системот го градиме етапно, внимателно. Постојат предизвици, пред се од аспект на финансирање на работата на Комисијата да ангажира надворешни експерти, кои би и помогнале во изработка на стручните мислења. Владата има дадено задолженија да се зголеми буџетот за работа на Комисијата и сметам дека тоа ќе биде направено оваа фискална година - додава тој.

Според Георгиевски процесот на усогласување на Планот за управување со Охридскиот регион со постоечките закони, пред се со Законот за градба, е бавно, но дека на тоа влијаеле и светската криза со коронавирусот, како и тоа што лани имавме и парламентарни избори. Тој смета дека Министерството за транспорт и врски ќе успее до март или април да ги напреви постребните измени за усогласување на законот за Планот за управување на Охридскиот регион.

Во однос на забелешките од невладините дека Планот за управување со Охридскиот регион не е добар, тој вели дека тоа не е нешто непроменливо и дека е потребно време да се увидат потенцијалните недостатоци.

- Планот за управување е усвоен од Владата во јануари лани, односно пред една година. Тоа е рамковен документ кој воспоставува визија, и насоки за заштитата на Охридскиот регион за периодот 2020-2029. Планот е изработен со значаен и супстантивен инпут од граѓанскиот сектор, за што авторите на истиот беа многу благодарни. Тоа беше навистина добар пример на отворен процес за соработка помеѓу институциите и граѓанскиот сектор. Работната верзија на Планот беше споделената за експерти од советодавните тела на УНЕСКО и сите нивни забелешки беа интегрирани во финалната верзија. Советодавните тела на УНЕСКО го поздравија Планот како значаен прогрес - вели Горгиевски.

Комисијата за управување со светското природно и културно наследство, според Георгиевски, не може да го коментира извештајот на УНЕСКО, кој се уште е во нацрт, но додава дека позицијата на Владата е непроменета и дека работат на тоа да се зачува статусот на светско наследство на Охридскиот регион, особено што постои можност тоа да биде прогласено за загрозено подрачје.

- Ова треба да го разбереме како најсилен аларм и дека има огромна потреба за највисоко ниво на одговорност и подготвеност кај сите чинители да се преземат сите неопходни акции да се остранат сите ризици кои го загрозуваат Охридското Езеро- вели Георгиевски.

Тој додава дека проиритети и на централната и на локалните власти е носење на детален урбанистички план од државно значење за крајбрежјето на Охридското Езеро, заштитата на Студенчишко Блато, продолжување на санацијата и рехабилитацијата на колекторскиот систем. Според него во приоритетите е и подигнување на нивото на соработка со Република Албанија.

- Секако најважно е да продолжи отстранувањето на бесправно изградените објекти, а овој процес се одвива бавно - вели Георгиевски.

Фото: Pixabay
Подготвил: Елица Бочвароска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема