X
 21.09.2021 Наука

Дупката во озонскиот слој сега е поголема од Антарктикот

Дупката во озонскиот слој на Земјата е многу широка.

Научници од организацијата за следење на атмосферата „Коперникус“ објавиле дека дупката во озонскиот слој над Јужниот Пол сега е поголема од Антарктикот. Тие велат дека дупката значително се проширила во последните две седмици и моментално е поголема од 75 отсто од дупките во озонскиот слој од 1979 година.

Според нив, таа била со слична големина како минатата година до почетокот на септември, но потоа се зголемила.

Озонскиот слој игра клучна улога во заштитата на Земјата од УВ-зрачењето на Сонцето, што може да биде штетно за растенијата и за животните. Зголемената изложеност на УВ-зраци довела до поголем број случаи на рак на кожата и катаракта кај луѓето, според Американската агенција за заштита на околината.


Фото: NASA

Озонскиот слој се оштетувал со текот на годините поради атоми на хлор и бром во воздухот што ги уништуваат озонските молекули. Секоја година тие дополнително го оштетуваат слојот како што се зголемуваат температурите на Јужниот Пол.

Научниците од „Коперникус“, сепак, сметаат дека слојот заздравува поради правилата поврзани со околината, со кои се намалува количеството на штетните гасови во атмосферата. Тие претпоставуваат дека до целосно заздравување ќе дојде дури во 60-тите или 70-тите години на овој век.

Извор: Futurism
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука