X
 22.01.2019 Забава

Хрватка освоила 250.000 евра на германски „Милионер“ и прво што планира да купи е телевизор

Хрватката Михаела Баришиќ минатата недела на германската РТЛ, во популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“, освои 250 илјади евра.

Доколку одговореше точно на прашањето вредно 750 илјади евра, таа ќе имаше можност да одговара и за најголемиот можен износ - неверојатни 2 милиона евра. Сепак, Михаела одлучила да не ризикува и да се откаже, па дома си заминала со претходно освоените 250.000 евра.

Инаку, во германскиот „Милионер“ натпреварувачите добиваат 15 прашања, а Михаела одговорила точно на 13. Прашањето за 750 илјади евра, на кое се откажала, гласело: Што е официјално наведено како максимална тежина од 25 грама?

Продукцијата на квизот како можни одговори ги навела: германското поштенско писмо, стрелка за пикадо, нирнбершки колбас и унца злато. Ако не се откажела, Михаела како точен одговор би ја навела стрелката за пикадо, а точниот одговор бил колбас, па нејзината одлука на крајот се покажала како многу мудра.

По квизот таа за хрватските медиуми раскажала како се чувствува.

- Ќе морам да се навикнам на тоа дека освоив толку пари. Немам некои големи желби. Сега ова можеби ќе ви звучи чудно, но телевизорот што го имам дома ми е стар 12 години, па веројатно од освоената награда прво ќе купам нов - се смее таа.

Михаела додава и дека планира да оди на летување и одмор во Хрватска.

- Родителите ми се од Славонија, во пензија се и сега живеат во Пула. Настојувам барем еднаш годишно да одам во Хрватска. Во Германија „Милионер“ се емитува веќе 20 години и отсекогаш мечтаев и ми беше голема желба барем еднаш да седнам на тоа жешко столче - вели Михаела.

Тренерката по одбојка со својот партнер и двете деца живеат во Баден-Виртемберг, а на квизот се пријавила бидејќи сакала со освоените пари да ги испрати родителите на одмор.

- Тие се гастарбајтери од Хрватска и единствено го виделе автопатот А8 кон Салцбург и Хрватска - објаснува таа.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава