X
 22.02.2021 Живот

Најопасните патишта на светот

Патиштата се недоволно ценет систем на јавната инфраструктура кој овозможува сè што земаме здраво за готово во современото општество - движење од едно место до друго, патувања. Но, не сите патишта се привлечни. Ова се некои од најопасните патишта на светот.

БР-116 (Бразил)

Со 4.385 километри, ова е најдолгиот автопат во Бразил и основна сообраќајница која поврзува 15 најважни градови во оваа земја. Автопатот, всушност, е во прилично добра состојба - рамен и релативно добро одржуван. Меѓутоа, познат е и како „Автопат до пеколот“ бидејќи минува низ некои од најлошите бразилски квартови во кои владеат криминални групи, каде што постои силен проток на дрога и проституција...



Преминот Успалата (Чиле-Аргентина)

Среде Андите, на околу 3.200 метри, овој озлогласен планински превој е главната магистрална врска помеѓу Чиле и Аргентина. Камионите и двокатните туристички автобуси секој ден полека ги поминуваат деловите од овој стрмен и ветровит наклон. За да биде полошо, снегот и ледот можат да влијаат врз преминот во текот на целата година, често целосно затворајќи го патот во зимските месеци.

Тунелот Гуолинг (Кина)

Ова е пат кој не толерира грешки, но она што оваа рута ја прави неверојатна е нејзината историја. Имено, 13 мештани од селото Гуолианг одлучиле самостојно да го изградат патот во 1972 година преку планината. Без пристап на тешки машинерии, со чекани и длета, тие полека ја пробивале стрмната карпа. Неколку години подоцна направиле неверојатен подвиг, создавајќи го она што денес е меѓународна туристичка атракција, но и многу ризичен пат.



Зоји Ла (Индија)

Овој пат од 9 километри, кој се протега низ Хималаите во Северна Индија, не е за сите. Прашливиот и неасфалтиран пат достигнува висина од 3.528 метри и е доволно широк да прими мали автомобили. Но, тоа не ги спречува големите автобуси и камиони да минуваат по должината на единствениот премин меѓу Кашмир и Ладех.



Автопатот Каракорам (Кина-Пакистан)

Лизгањето на земјиштето и поплавите се голема опасност тука бидејќи за време на изградбата во 60-тите и 70-тите години речиси илјада работници го загубиле животот. Автопатот на врвот достигнува неверојатни 4.693 метри, а поголемиот дел од маршрутата од 1.300 километри минува низ смртоносен планински терен.

Автопатот Сичуан во Тибет (Кина)

Овој епски автопат од 1.240 милји е изграден во 50-тите години од минатиот век за да ги поврзе Тибет и Кина. Пејзажите целосно го одземаат здивот, но овој пат исто така е и исклучително опасен. Лавините, слабата видливост и лизгавите површини се само некои од предизвиците со кои треба да се борите. Во случај тоа да не е доволно, таму има и многу остри кривини на кои треба да се внимава.

Извор и фотографии: National Geographic
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот