X
 22.04.2020 Живот

„Акција против ракувањето“ - статија од 1932 година

Борбата против ширењето на заразните болести трае со векови. И во 1930 година за ширењето на заразите биле обвинувани контактите, а особено ракувањето. Прочитајте како за тоа известувала „Правда“.


Статијата ви ја пренесуваме во целост.

Правда, 15 ноември 1932 година

„Ракувањето е многу опасен, нехигиенски обичај“. „Италија, Америка и Шведска против ракувањето“. „Италијанците препорачуваат фашистички поздрав“. 

Во САД, Италија и во Шведска во последно време се појави сериозно движење за укинување на валканата навика на ракување. Светот треба да се одучи од таа опасна навика, а ако убавиот збор не помогне, ракувањето треба да се забрани со закон, пренесува „Кориере дела Сера“.

Самиот Дуче порано им препорачуваше на своите поданици да се откажат од стискањето раце во знак на пријателско поздравување. Сега ова движење се прошири во цела Италија. И футуристичкиот писател Маринети се стави во служба на пропагандата против ракувањето. Тој во еден негов говор во Рим вели:

- Ракувањето е застарено! Ни фашистичкиот начин на поздравување не е нов, но тоа е убав спомен на класичен Рим. Покрај тоа, фашистичкото кревање на раката во висина на растојание од два метра покажува повеќе почит кон пријателот и не е нехигиенска навика...


Париски „Тан“ пренесува опширна статија на медицински соработник кој исто така најостро го осудува ракувањето и вели дека лекарите се најголеми виновници што таа валкана и опасна навика не е одамна искоренета. Тој посочува на сите опасности што ги предизвикува ракувањето. Со стискање на рацете се пренесуваат најразновидни и најопасни заразни болести. Така здравите луѓе можат да пренесуваат бацили на тифус и дизентерија, а самите да не се разболат.

Во Америка движењето против ракувањето исто така е многу јако. Во некои кругови ракувањето е сосема укинато. Американски милијардер веќе никому не пружа рака во знак на пријателски поздрав. Американските весници посочуваат на глупавиот обичај на ракување со претседателот на Унијата во Белата куќа. На несреќниот претседател на Унијата често раката му станува крвава поради ракување со илјадници посетители на Белата куќа.

Ракувањето денес сосема ја изгуби смислата, велат и шведските експерти за хигиена. Непрекинатото и бесмислено стискање на раката е вистински и најсигурен посредник за разни заразни болести. Живееме во модерно, молскавично време во кое се живее брзо и луѓето немаат ни време да се ракуваат.

Акцијата против ракувањето зазема сѐ поголеми размери и во многу земји се јавуваат гласови кои бараат укинување на стисокот на раката како сосема нехигиенска и штетна навика. Дали таа акција ќе успее, не може да се знае. Ракувањето е толку длабоко вкоренета навика кај сите луѓе и има симболично значење - со ракувањето може да се изразат и многу чувства на човекот (силен, нежен, внимателен стисок на раката), така што овој обичај многу тешко ќе се искорени, иако тоа го бара човековиот првокласен интерес - неговото здравје.

Но, со ракувањето ќе биде како и со бакнежот. Со векови луѓето се борат против бакнежот како валкана и нездрава појава. Па, сепак, никакви хигиенски прописи и закони не можеле да го искоренат.

Извор: National Geographic
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот