X
 22.06.2020 Образование

Се полага приемен во средното медицинско. Возрасните да дадат пример дека правилата важат секаде и за секого, вели директорката Салиу

И покрај негодувањата на одредена група родители и ученици, со задоцнување почна тестирањето на кандидатите за прва година во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ во Скопје, нè извести директорката Маја Салиу.

- Како идни здравствени работници, апелирам, пред сѐ, да се почитуваат правилата, особено кога се работи за здравјето. Ние, возрасните, мора да бидеме пример за младите дека правилата и принципите мора да важат секаде и за секого. Во време на пандемија, знаејќи дека здравствените работници даваат сѐ од себе, ние како медицинско училиште направивме сѐ во таа насока. Протоколите и мерките мора да се почитуваат, а за евентуално непочитување си има други надлежни институции. Тестовите ги изработува Бирото за развој на образованието, а се состојат од материјалот кој учениците веќе го совладале во основното образование (за што веќе се оценети со одлични оценки). Тестовите се полагаат едноподруго, а се состојат од 15 прашања за секој од двата предмети - вели Салиу.

Маја Салиу, директорка на средното училиште „Панче Караѓозов“ - Скопје

Таа е категорична дека училиштето не е организатор на тестирањето, туку само го спроведува.

- Согласно конкурсот на МОН, доколку се пријават поголем број кандидати од предвидениот, а со ист број поени, за здравствена струка треба да се одржи квалификационо тестирање по предметите биологија и хемија. Критериумите, условите и рокот ги одредува МОН. Наша задача е да обезбедиме услови за полагање согласно протоколите од МОН и Комисијата за заразни болести. Во таа насока, пред и во училиштето беа поставени знаци, ленти и насоки за движење. Се врши дезинфекција и се нагласува држење физичка дистанца. Направени беа распореди на простории со цел обезбедена дистанца за секого - вели Салиу.

Уписот го организиравме со максимално почитување на протоколите, при што беа примени над 800 пријави од ученици и сè се одвиваше во најдобар ред, додава таа.


Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование