X
 23.06.2023 Живот

Германските пратеници ги одобрија плановите за привлекување квалификувани работници

Германскиот Парламент денеска ги одобри плановите за привлекување на повеќе квалификувани работници во најголемата европска економија за да се помогне во справувањето со недостигот на работна сила во сè поголем број професии.

Повеќето пратеници гласаа за планираниот систем на бодови, кој го зема предвид професионалното искуство и други фактори и е сличен на системите што ги користат другите земји, на пример Канада.

Таквиот систем ќе го олесни доаѓањето на експерти за информатичка технологија кои имаат квалификации, но не и факултетски дипломи.

Барателите на азил кои пристигнале во Германија пред 29 март и имаат и квалификации и понуда за работа, можат да добијат дозвола за престој како професионалци доколку го повлечат барањето за азил, со што ќе се елиминира потребата да ја напуштат земјата и повторно да аплицираат за работна дозвола.

На висококвалификуваните работници ќе им биде дозволено да доведат роднини во Германија, сè додека можат да ги издржуваат.

Германија со години се обидува да привлече повеќе квалификувани работници од земји кои не се членки на ЕУ. Експертите велат дека на земјата и се потребни околу 400.000 квалификувани имигранти годишно, бидејќи работната сила во Германија старее и се намалува.

Националната агенција за вработување претходно овој месец соопшти дека годишната анализа покажала дека во 200 од околу 1.200 професии од истражувањето во 2022 година има недостиг на работна сила, во однос на 148 во претходната анализа.

Меѓу професиите со недостиг на работна сила се возачи на автобуси, услужни работници во хотели и ресторани и работници во металната индустрија.

Германија има проблеми и со недостиг на медицински сестри, во секторот за згрижување деца, градежништвото и автомобилската индустрија. Ѝ недостигаат и возачи на камиони, архитекти, фармацевти и стручњаци за ИТ.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот