X
 24.02.2022 Наша тема

Кои земји ги укинаа, а кои ги олабавија ковид-мерките за патување

Австрија најави дека од 5 март ќе ги укине сите рестриктивни мерки, но правилата за влез во земјата засега остануваат исти. Словенија ги укинува сите мерки за влез во земјата, а за влез во Косово потребен е сертификат за целосна вакцинација

Македонските државјани ќе може слободно да патуваат во Србија и во Словенија доколку се усвои предлогот на Комисијата за заразни болести да се укинат вакциналните сертификати и потврдите за прележан ковид, како и негативен ПЦР-тест за излез од земјата.

Србија и досега не бараше македонските државјани при влез да покажат ковид-сертификат за примени вакцини или за прележана болест, ниту пак негативен ПЦР-тест. Ова не важи за македонските граѓани кои во Србија влегуваат од други земји.
За влез во Словенија, тие веќе не се потребни. Според информациите објавени на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Словенија, од 19 февруари рестрикциите за влез во Словенија поврзани со ковид-19 веќе не важат. Освен што нема да треба на граничен премин да покажуваат ковид-сертификат, потврда за прележаност на болест или негативен-ПЦР тест, за патниците веќе нема да има ниту наредба да останат во карантин при влез во Словенија.

Тест за невакцинираните за влез во Грција

Грција од 21 февруари годинава исто така ги олабави мерките, односно од патниците што влегуваат во земјата нема да се бара дополнителен негативен ковид-тест. Според информациите објавени на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Грција, сите патници што влегуваат во земјата од 21 февруари до 7 март, кои имаат европски дигитален ковид-сертификат, не се обврзани да покажат дополнителен негативен ковид-тест. Ова важи за сите земји членки на ЕУ, како и за оние земји, меѓу кои и Македонија, што се придружиле на дигиталниот ковид-систем на ЕУ.
Сепак, за влез во Грција ќе треба да се покаже сертификат за целосно завршена вакцинација најмалку 14 дена по примање на втората доза, кој важи 9 месеци по завршувањето со вакцинацијата. Временско ограничување нема за патниците што примиле трета доза. Во Грција може да се влезе и со потврда за прележан ковид-19 најмалку 14 дена по првиот позитивен тест, а најмногу до 180 дена од прележувањето. Непрележаните и невакцинираните ќе може да влезат во Грција со негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа или негативен брз антигенски тест не постар од 24 часа.
 
Во Хрватска со тест или 180 дена по прележана болест

Европската Унија донесе одлука со која од вчера дигитален сертификат за прележан ковид-19 ќе може да издаваат земјите членки и според резултатите од брзите антигенски тестови, а не само со ПЦР-тест како што беше досега. За да бидат веродостојни потврдите, брзите антигенски тестови треба да бидат на листата на ЕУ, како и да се направени од здравствени работници.

Оние што патуваат во Хрватска ќе може да влезат со потврда за туристичко сместување, а ќе треба да имаат и негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа, или негативен брз антигенски тест не постар од 48 часа. Во Хрватска ќе може да влезат луѓето што имаат потврда за вакцинација со една од вакцините што се користат во ЕУ или се одобрени од СЗО и не е постара од една година, како и оние што имаат потврда дека ја прележале болеста и примиле една доза вакцина во рок од осум месеци од моментот на инфекцијата. Во оваа земја ќе може да влезат и оние што имаат потврда дека ја прележале болеста, со не помалку од 11 дена од првиот позитивен тест, а не повеќе од 180 дена. Во Хрватска може да влезат и лица што ги немаат овие потврди, но со задолжителен ПЦР или брз антигенски тест на влез во земјата на сопствен трошок и самоизолација до добивање негативен тест, а во случај на неможност да се тестираат, се одредува самоизолација од седум дена. Ова не важи за деца помали од 12 години кои патуваат во придружба на еден од родителите.



За влез во Црна Гора и натаму е потребно да се покаже потврда дека лицата се вакцинирани, но таа да не е постара од шест месеци, потврда за прележана болест, при што да не се поминати помалку од 10, а повеќе од 180 дена од првиот позитивен ПЦР или антигенски тест. Според информациите објавени на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Црна Гора, во двата случаи при влез во земјата луѓето ќе треба да имаат негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа или негативен брз антигенски тест не постар од 48 часа. Според правилата кои важат од јануари годинава, влез во Црна Гора не е можен само со негативен тест.

За влез во Турција за сите патници што доаѓаат по авионски, поморски или копнен пат, потребен е негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа. Ова важи за сите патници постари од шест години. Исклучок од ова се авионскиот екипаж, професионалните возачи и патници во авионскиот транзит. Според информациите објавени во јуни лани на веб-страницата на Амбасадата на Турција во Македонија, на македонските државјани при влез во Турција нема да им се бара да приложат негативен ПЦР-тест доколку имаат потврда дека се вакцинирале најмалку 14 дена пред влезот во Турција, или ја прележале болеста во последните шест месеци. За нив не е предвиден карантин. Тие што немаат ваква потврда, при влез во Турција треба да покажат негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа или негативен брз антигенски тест не постар од 48 часа. На веб-страницата стои и информацијата дека патниците што ќе влезат во земјата може при влез да бидат тестирани од здравствените работници по случаен избор.

Правилата за патување во Босна и Херцеговина и натаму остануваат, односно за влез во земјата потребен е негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа или брз антигенски тест не постар од 48 часа. Во оваа земја може да се патува и со потврда за вакцинација, а од последната доза да се поминати 14 дена, или потврда за прележан ковид-19, но од првиот позитивен тест да не се поминати помалку од 14 дена, а не повеќе од 180 дена. Ова не важи за деца помали од седум години.

За влез во Косово патниците треба да покажат сертификат за целосна вакцинација со две дози или една доза од вакцините кои се даваат во една доза, при што да не се поминати повеќе од 12 месеци од приемот на втората доза. Во оваа земја може да се влезе и со сертификат за примена една доза од вакцината со негативен ПЦР-тест не постар од 48 часа, со потврда дека лицето оздравело од ковид-19, при што да не се поминати помалку од 21 ден и не повеќе од 90 дена од првиот позитивен ПЦР-тест. Во Косово може да се влезе и со потврда за примена трета бустер-доза, а непрележаните и невакцинираните со негативен ПЦР-тест не постар од 48 часа.

Во Австрија останува правилото за влез во државата лицата да бидат вакцинирани, да прележале ковид или да имаат негативен ПЦР-тест бидејќи земјата најави дека од 5 март ќе ги укине сите рестриктивни заштитни мерки, освен обврската да се носат маски во јавниот превоз, како и во банките, поштите, супермаркетите и аптеките. Правилото вакцинирани, прележани или со негативен тест ќе важи на целата територија на земјата, освен во Виена каде што останува правилото или да се вакцинирани или да ја прележале болеста. Во Австрија може да влезат лица што се целосно вакцинирани или ја прележале болеста, а потврдите да не се постари од шест месеци. Во земјата може да влезат и невакцинирани со негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа, како и лицата што имаат потврда за примена трета бустер-доза. За малолетни лица до 12 години кои патуваат под надзор на едно возрасно лице, не важи обврската за поседување доказ.
Исклучок од овие ограничувања се лицата што не може да се вакцинираат поради здравствени причини, бремени жени, лица кои се членови на дипломатски конзуларни претставништва и меѓународни организации.



Германија од 16 јануари годинава ја класифицира Македонија како земја со висок ризик од инфекција со ковид, а од први овој месец за влез во Германија потребна е потврда за примени две дози од вакцините за кои има дозвола за употреба од Европската агенција за лекови, при што оваа потврда да не биде постара од 270 дена или 9 месеци. Претходно во Германија можеше да се влезе со вакцинален сертификат со важност од 12 месеци. Вакциналните сертификати со трета бустер-доза имаат неограничена важност.
Лицата што прележале ковид ќе може да влезат во Германија со потврда за прележаност не постара од три месеци, односно да не поминале помалку од 28 дена, а не повеќе од 90 дена од првиот позитивен резултат за инфекција со ковид.
Според информациите на италијанското Министерство за надворешни работи, за влез во Италија од први овој месец, за сите лица што доаѓаат од ЕУ, ќе биде потребен само ковид-сертификат без потреба за дополнително тестирање.

Според информациите од македонското Министерство за надворешни работи, за земјите од листата, во кои спаѓа и Македонија, до 15 март не се дозволени туристички патувања. За влез во оваа земја потребен е дигитален ковид-сертификат или негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа. Негативен тест не се бара за деца до шестгодишна возраст.

Во Албанија може да се влезе со сертификат за примени вакцини или прележана болест, како и со негативен ПЦР-тест, потврда за целосна вакцинација против ковид-19, негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа или негативен брз антигенски тест не постар од 48 часа, потврда за прележаност на болеста во последните шест месеци. Овие потврди треба да ги имаат сите што се на возраст над шест години. Вакви потврди треба да имаат и оние што транзитираат низ Албанија. Според информациите објавени на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на оваа земја, на сите лица што немаат ваква потврда не може да им се гарантира влез во земјата.

За влез во Кипар и натаму се бара задолжителен брз тест, освен за оние со трета бустер-доза. Сите што пристигнуваат на островот во рок од 72 часа задолжително ќе треба да направат брз тест. Ограничувања нема за оние што се целосно вакцинирани или ја прележале болеста во последните шест месеци. Лани во септември Кипар ја тргна Македонија од црвената зона на земји каде што постои висок ризик од ковид-19, но засега таа е во сивата зона, каде што за влез во земјата е потребно специјално одобрение.


Подготвил: Елица Бочваровска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема