X
 24.05.2022 Наука

Ова е единствена активност во која мислите не одлетуваат, велат научници од „Харвард“

Ако имате чувство дека мислите постојано ви талкаат, не грижете се, не сте единствените. Студија спроведена од психолозите Метју Килингсворт и Даниел Гилберт од Универзитетот „Харвард“ покажа дека мислите на луѓето најчесто талкаат, но и дека луѓето се помалку среќни поради тоа.

- За разлика од другите животни, луѓето поминуваат многу време размислувајќи за минати или идни настани или за оние што воопшто нема да се случат. Се чини дека лутањето на мислите е вообичаен начин на работа на човечкиот мозок - гласи воведот во научниот труд.

Иако оваа способност е големо еволутивно достигнување што им овозможува на луѓето да учат, размислуваат и планираат, таа може да има своја емоционална вредност, пишуваат научниците, кои веруваат дека не е случајно што некои религии и филозофски школи учат дека среќата доаѓа од живеењето, односно од тренирање на мозокот да не лута, туку да се фокусира на „овде и сега“.

Самото истражување е спроведено преку креирање на апликација за „aјфон“ која испитаниците ја користиле, а која во случајно избрани моменти во текот на денот им поставувала прашања за тоа како се чувствуваат, што прават во моментот и дали размислуваат за нешто друго во тој момент.

Доколку одговорат дека мислите им талкаат, апликацијата ги прашувала дали мислат на нешто убаво, грдо или неутрално.

Истражувањето е спроведено на околу 5.000 луѓе од 83 различни земји на возраст меѓу 18 и 88 години, со цел да се добие најширокиот и најдобар можен примерок во однос на возраста, полот и местата од кои доаѓаат испитаниците и да се откријат интересни факти за однос на залутаните мисли и човечките емоции.

Првин беше откриено дека речиси половина од времето (46,9 отсто) луѓето размислуваат за нешто друго освен за она што го прават, што е многу поголем процент од она што обично се наоѓа во лабораториските истражувања.

um
Фото: Freepik

- Изненадувачки, природата на човековите активности има многу мало влијание врз тоа дали мислите талкаат и речиси никакво влијание врз тоа дали мислите се пријатни или не - се согласуваат научниците.

Тие истакнаа дека има една аномалија во целата приказна, една активност во која луѓето се целосно фокусирани на она што го прават, а тоа е сексот.

Залутаните мисли се причина, а не последица на чувствата на тага


Дополнително, откриено е дека луѓето се понесреќни кога нивните мисли талкаат отколку кога се фокусирани исклучиво на она што моментално го прават, а тоа исто така нема никаква врска со тоа што точно го прават. Така, луѓето изјавиле дека се посреќни ако прават нешто што не им се допаѓа, но се фокусирани, отколку ако прават нешто што им се допаѓа, но нивните мисли течат на нешто друго.

- Иако е познато дека негативните емоции предизвикуваат залутани мисли, анализата покажа дека лутањето со мислите многу почесто е причина отколку последица на тоа чувство - објаснуваат научниците.

- Можеме да заклучиме дека човечкиот ум талка, а умот што талка е несреќен ум. Способноста да размислуваме за она што не ни се случува во моментот е когнитивен успех што има емоционална цена - заклучуваат психолозите.

Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука