X
 24.10.2023 Здравје

Научници веруваат дека е постигнат најголем напредок во лекувањето на ракот на грлото на матката во последните 20 години

Научници веруваат дека го постигнале најголемиот напредок во лекувањето на ракот на грлото на матката во последните 20 години користејќи постојни и евтини лекови пред вообичаената радиотерапија.

Според резултатите на испитувањето претставени на неодамнешна медицинска конференција, со овој пристап ризикот од смрт е намален во 35 отсто од случаите.

Британската организација за истражување на ракот го финансирала истражувањето и оттаму велат дека резултатите се извонредни. Тие се надеваат дека клиниките наскоро ќе почнат да го применуваат новиот метод на лекување.

-Кога лекувате рак, времето е клучно. Има сѐ повеќе докази кои покажуваат колку е важно да се вклучат дополнителни циклуси на хемотерапија пред другите третмани како операција и радиотерапија кај неколку други видови рак. Така не само што се смалуваат шансите за враќање на ракот, туку може и брзо да се примени бидејќи се користат лекови кои веќе се достапни во светот. Возбудени сме поради напредокот што ова испитување може да го донесе во лекувањето на ракот на грлото на матката и се надеваме дека наскоро во клиниките ќе се усвојат пократки циклуси на индукциона хемотерапија - изјави Ијан Фулкс.

За време на испитувањето новата терапија ја примиле 250 жени со дијагностициран рак на грлото на матката - 6-неделна хемотерапија со карбоплатин и паклитаксел, проследена со радиотерапија и хеморадијација. Втора група од 250 пациентки ја примале вообичаената хеморадијација.

Пет години подоцна 80 отсто од жените лекувани со новиот метод преживеале, а во 73 отсто од случаите болеста не се проширила, ниту се вратила.

Кога станува збор за пациентките што ја примиле вообичаената терапија, преживеале 72 отсто, а ракот не се вратил или проширил во 64 отсто од случаите.

-Нашето истражување покажува дека овој краток циклус на дополнителна хемотерапија пред стандардната ЦРТ терапија може да го намали ризикот од враќање на ракот или смрт за 35 отсто. Станува збор за најголем напредок во лекувањето на оваа болест во последните 20 години - изјави научничката Мери Мекормак.

Двата лека за хемотерапија се евтини, достапни и веќе одобрени за примена, а експертите сметаат дека многу брзо може да станат нов стандард на лекување. Сепак, напоменуваат дека резултатите не може да бидат исти кај сите жени. Кај некои пациентки кои учествувале во истражувањето ракот не зафатил други делови од организмот. Засега не е познато колку би била делотворна терапијата кога болеста би напредувала. Лековите може да предизвикаат и несакани ефекти, како мачнини или губење на косата.

Извор: BBC
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје