X
 25.03.2024 Живот

Градот кој е најблиску до вселената - животниот век на луѓето таму е до 35 години

Дали некогаш сте се запрашале како изгледа животот во градот кој е најблиску до вселената? Секојдневието на жителите на Ла Ринконада е незамисливо!

Ла Ринконада е најнаселеното место во светот и е град кој е најблиску до вселената. Се наоѓа на перуанските Анди, на 5.100 метри надморска височина, а таму има 50 отсто помалку кислород, поради што е наречено „најпеколното место на светот“.

Во видеото што е прегледано повеќе од 50 милиони пати јутјуберот и документарен режисер Рухи Кенет покажува како изгледа животот во градот над облаците и - што не изгледа воопшто лесно (барем за странците).

Зошто животниот век е толку краток на ова место?

Имено, на оваа екстремна височина атмосферата е значително поретка, поради што животниот век е 35 години. Локалното население живее со само 50 проценти од нормалното ниво на кислород. Сепак, нивните тела еволуирале за да произведуваат двојно повеќе крвни зрнца од другите.

- Во оваа пустелија ниту едно дрво не може да преживее поради малиот притисок. Овој град на перуанските Анди е дури 300 метри повисок од Мон Блан, највисокиот врв на европските Алпи. Далеку од современиот свет, тоа е место каде што криминалот и опасноста се секогаш во близина - објаснил Кенет.

Нема основни услови за живот

Тој посочил дека добил вртоглавица штом излегол од таксито, а кога се разбудил утрото почувствувал многу голем замор. Од сувиот воздух го болело грлото, а усните му испукале. Иако било лето, патиштата биле подмрзнати и смрдливи, а отпадоци имало низ целиот град.

Таму луѓето живеат во „метални бараки“ без струја, што е многу загрижувачко кога температурата во зима ќе падне до -10 степени. Тој, исто така, забележал дека повеќето луѓе користат јавни бањи и тушеви, бидејќи немаат вода во нивните домови. Сепак, постои добра причина зошто некои одлучуваат да живеат во толку тешки услови.

Зошто луѓето сè уште сакаат да живеат таму?


- Луѓето доаѓаат во оваа сурова земја само поради една причина - златото. Околу 50.000 луѓе се населиле овде, меѓу купиштата ѓубре, сонувајќи за богатство - објаснил тој.

Инаку, градот се наоѓа во близина на рудник за злато, а меѓу 2001 и 2009 година, кога цената на златото се зголемила за 235 отсто, и населението се зголемило за 30.000 жители.

Извор: b92.net

Фото: YouTube Screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот