X
 25.08.2023 Здравје

Очилата со филтер за сина светлина се бескорисни, заклучија експертите

Очилата за блокирање на сината светлина се сè попопуларни во последниве години и често се препорачуваат или препишуваат од оптометристите. За жал, се чини дека таквите очила немаат никакво влијание врз напрегањето на очите пред компјутерот или квалитетот на спиењето, според анализа на 17 различни испитувања.

Дополнително, нема докази дека леќите за филтрирање на сината светлина ја штитат мрежницата, слојот чувствителен на светлина во задниот дел на окото, бидејќи студиите не го процениле овој исход.

Нема краткорочни предности

Анализата беше спроведена од истражувачи од Универзитетот во Мелбурн во соработка со колеги од Универзитетот во Лондон и универзитетот „Монаш“. Тие ги споредија перформансите на леќите што ја филтрираат сината светлина со леќите што не ја филтрираат сината светлина. Истражувачите не видоа никакви краткорочни придобивки од користењето леќи за филтрирање на сина светлина, ниту, пак, корисниците доживеале намалување на визуелниот замор поврзан со употребата на компјутер.

Останува нејасно дали овие леќи влијаат врз квалитетот на видот или спиењето, а не можеле да се извлечат никакви заклучоци за можните ефекти врз здравјето на мрежницата на долг рок.

Истовремено, не се откриени штетни несакани ефекти од употребата на леќи за филтрирање на сина светлина. Сите ефекти беа благи, ретки и привремени и вклучуваа непријатност при носењето на очилата, главоболки и лошо расположение. Истражувачите го припишуваат ова на проблеми со носењето очила, бидејќи слични ефекти се забележани со леќите што не ја филтрираат сината светлина.

Извор: Bug
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје