X
 26.04.2018 Технологија

„Фејсбук“ расте и покрај сите афери

Во изминатото тримесечје „Фејсбук“ оствари приходи од околу 12 милијарди долари, што е за 49 отсто повеќе отколку пред една година, а со оглед на тоа дека се зголеми и добивката на најголемата социјална мрежа во светот, се чини дека скандалот со недозволеното користење на податоците на корисниците засега воопшто не ѝ наштетил.

Според новообјавените извештаи, чистата добивка на „Фејсбук“ во првиот квартал од оваа година достигнала 4,99 милијарди долари, што е за 63 отсто повеќе отколку пред една година. Притоа, приходите од огласувањето, најголемиот извор на приходи на компанијата, се зголемиле за околу 50 отсто, на 11,7 милијарди долари.

Најголема корист има од пренасочувањето на огласувачите

Огласувачите веќе подолго време ги пренасочуваат финансиите од телевизиите во огласување на веб и мобилните платформи, а „Фејсбук“ е една од компаниите што имаат најголема корист од тоа, иако на пазарот се соочува со жестоките противници „Снепчет“ и „Јутјуб“, кои, исто така, секојдневно привлекуваат милиони посетители.

Аналитичарите од компанијата „еМаркетер“ проценуваат дека оваа година приходите на „Фејсбук“ од дигиталното огласување ќе достигнат удел од 18 отсто во вкупните глобални приходи од тој вид огласување, додека „Гугл“ би можел да земе 31 отсто.

Секој ден пристапувале 1,45 милијарда луѓе

Според податоците од извештајот, „Фејсбук“ на крајот на минатото тримесечје имал 2,2 милијарди активни месечни корисници низ светот, додека на социјалната мрежа секој ден пристапувале 1,45 милијарда лица, што е за 13 отсто повеќе отколку пред една година.

Судејќи по деловните резултати, скандалот кој изби неодамна, откако компанијата за обработка на податоци „Кембриџ аналитика“ откри дека користела податоци од околу 87 милиони корисници на „Фејсбук“ без нивна согласност и ги користела во политичките кампањи, засега се чини дека не влијаел врз работата на компанијата, без оглед на многубројните повици за напуштање на мрежата и за построга регулација.

Зголемени вложувања во безбедноста


- Сите постојано зборуваат за тоа колку е лоша ситуацијата за „Фејсбук“, но за мене овој извештај е многу позитивен и верувам дека компанијата ќе ги совлада тие проблеми - истакнува Даниел Морган, портфолио-менаџер во компанијата „Синовус траст компани“.

Поради недозволеното користење на податоците на корисниците, но и претходниот скандал поради лажните огласи на „Фејсбук“ платени од страна на Русија, а со кои наводно имало обиди за влијаење врз претседателските избори во САД, „Фејсбук“ вработи нови лица за борба против лажните огласи и вести, а најави и други мерки за да се зголеми сигурноста на социјалната мрежа.




Скокна цената на акциите

Поради тоа, меѓу другото, во изминатиот квартал трошоците на компанијата се зголемија за 39 отсто на годишно ниво, при што бројот на вработени е зголемен за 48 отсто, на 27.740.

- Свесни сме за нашата одговорност и инвестираме за да бидеме сигурни дека нашите услуги ќе се користат за добро. Но, исто така, мораме да продолжиме да градиме нови алатки за да придонесеме за поврзување на луѓето, зајакнување на нашите заедници и единство во светот - истакна Марк Закерберг.

Бидејќи резултатите се подобри отколку што се очекуваше, цената на акциите на „Фејсбук“ во продолженото тргување на Вол стрит се зголеми за околу 4,5 отсто, на 167 долари. Но, таа сепак е помала од оние 185 долари колку што изнесуваше еден ден пред да избие скандалот, што значи дека во меѓувреме пазарната вредност на „Фејсбук“ паднала за повеќе од 50 милијарди долари.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија