X
 27.05.2021 Образование

Отворена е филијала кај нас на Великотрновскиот универзитет, ќе се учи на англиски јазик

На Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ е отворена подружница на универзитетот „Св. Св. Кирил и Методиј“ од Велико Трново. Ректорот на „Гаврило Романович Державин“, проф. д-р Христо Бонџолов, по повод отворањето на филијалата, на прес-конференција истакнал дека се бара доверба и пријателство, како и тоа да нема црвени линии помеѓу Македонија и Бугарија.

- Започнувањето со работа на филијалата на Великотрновскиот универзитет „Св. св. Кирил и Методиј“ при Меѓународен славјански универзитет „Г. Р. Державин“ се темели исклучиво на долгогодишна соработка помеѓу двата универзитети. Соработката помеѓу нашите два универзитети трае околу 8 години и со текот на годините заедничките активности се интензивираа и таа соработка се продлабочуваше. Пред 3 години (во 2018 година) се одлучивме уште повеќе да ја продлабочиме нашата соработка, со што беше предвидено Великотрновскиот универзитет „Св. св. Кирил и Методиј“ да започне со работа како странска високообразовна установа во рамките на МСУ. Ова е само првиот чекор на продлабочената соработка, и во иднина очекуваме да соработуваме и на други полиња - пишува на веб-страницата на Славјанскиот универзитет.

Таму стои дека барањето за започнување со работа како странска високообразовна установа било поднесено во 2018 година, a деновиве била донесена Одлуката за одобрение за вршење високообразовна дејност на Великотрновскиот универзитет „Св. св. Кирил и Методиј“ од страна на Владата.

- Сепак, со ова целата работа не е завршена, затоа што сега на ред е Министерството за образование на Република Бугарија, кое треба да даде согласност за оваа програма. Планот e Великотрновскиот универзитет „Св. св. Кирил и Методиј“ да започне со работа во рамките на МСУ со три последипломски студиски програми со настава на англиски јазик, од програмите Англиски јазик, Регионален развој и Информатика. На секоја од програмите е планирано да се запишат по 20 студенти. Интерес за упис на програмите постои и од нашите други соседни држави и токму затоа беше одлучено програмите да бидат достапни во Република Северна Македонија - стои во објавата.

На прес-конференцијата ректорот Бонџолов кажал дека Великотрновскиот универзитет е голем државен универзитет.

- Ние ги најдовме нашите партнери. Се разбира, ние имаме многу договори за соработка со други универзитети, имаме околу 500 договори во рамките на Еразмус+, имаме 118 билатерални договори. Но, договорите што реално функционираат се малку затоа што за функционалните договори на почетокот се бара едно нешто. Се бара доверба, се бара пријателство и се бара помеѓу нас да нема црвени линии. Да седнеме, да се договориме и да работиме заедно. И тогаш да постигнеме резултати – вели ректорот.

Од првиот и најстар македонски универзитет „Св. Кирил и Методиј“ истакнаа дека ќе бараат правда по легален пат ако се случи упис на друга високообразовна установа со истото име. Реакциите се зголемија откако Факултети.мк ја објави изјавата на академик проф. д-р Владо Камбовски (претседателот на Одборот за акредитација на високото образование), кој кажа дека наставата ќе се одвива на бугарски јазик. Сепак, во Законот за високо образование стои дека странска високообразовна институција кај нас настава изведува на еден од светските јазици.

Насловна фотографија: МСУ
Подготвил: А.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование