X
 27.12.2020 Наша тема

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Како се одредува временска прогноза и каде се студира за метеоролог во Македонија?

По дефиниција, времето ги опишува атмосферските услови на одредено место во одредено време и генерално се однесува на дневната активност на температурата и врнежите

Од што зависи временската прогноза, како се одредува и на колкав временски период? Што е сезонска прогноза и како се изработува? Што е метеорологија и каде се студира оваа наука? Сузана А. Моневска е метеоролог во Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Таа вели дека за почеток треба да се прави разлика меѓу термините време и клима, бидејќи луѓето често пати ги поистоветуваат.


Фото: Pixabay

- Разликата е во времетраењето на периодот на кој се однесуваат двата поима. Времето е секојдневна состојба на атмосферата, со краткорочни варијации од неколку минути до неколку недели. Луѓето обично мислат на времето како комбинација на температура, влажност, врнежи, облачност, видливост и ветер. За дефиниција на поимот клима постои обемна литература. Наједноставно кажано, климата е времето на место во просек во текот на еден временски период, честопати 30 години - објаснува Моневска.

Според неа, какво е времето во некоја област зависи, пред сѐ, од распоредот, карактеристиките и динамиката на поголемите барички системи (циклони и антициклони). Тоа се воздушни маси со низок или висок притисок, и најразлични вредности на температура, влажност и динамика согласно законите на физиката на атмосферата. Каква ќе биде климата, зависи од вредностите на измерените и статистички обработени метеоролошки податоци за подолг временски период.

Што е време, а што клима?

По дефиниција, времето ги опишува атмосферските услови на одредено место во одредено време и генерално се однесува на дневната активност на температурата и врнежите. Според компонентите, времето опфаќа: осончување, дожд, облачност, ветрови, град, снег, лапавица, замрзнат дожд, поплави, бури, грмотевици, долготраен дожд од студен фронт или топол фронт, топлотни бранови и др. Прогнозата се изведува со собирање на метеоролошките податоци (температурата на воздухот, притисокот, влажноста, сончевото зрачење, брзината на ветерот и правецот итн.). Клучни фактори се мерења во реално време на атмосферски притисок, температура, брзина и правец на ветер, влажност, врнежи, облак-покритие и други варијабли. Овие прогнози се краткорочни, а науката која се занимава со нив е метеорологија.


Отстапување на сезонската температура на воздухот (°C) (SEEVCCC-лето 2020)

Климата, пак, ги опишува просечните услови што се очекуваат на одредено место во дадено време. Моневска објаснува дека климата во регионот е генерирана од климатскиот систем, кој има пет компоненти: атмосфера, хидросфера, криосфера, површина на земјиштето и биосфера. Метеоролошки мерења и климатолошка статистика се одредуваат во период од 30 години, т.н. „климатски нормали“, а науката која се занимава со нив е климатологија.

Како се одредуваат сезонските прогнози

Поради сево ова, прашањата какво ќе биде времето или климата имаат многу различен пристап, а сепак се нераскинливо поврзани.

- Прогнозата на времето (weather forecast) најчесто се изработува за краткорочни прогнози: времето денес, утре, во наредните три, седум или десет дена, и среднорочни прогнози: до две недели. Овие прогнози се т.н. детерминистички, како влезни податоци се користат сите метеоролошки мерења во реално време добиени од конвенционални, автоматски станици, радарски и радиосондажни мерења, сателитски мерења и сл., кои националните метеоролошки служби ги разменуваат преку наменски глобални телекомуникациски мрежи - објаснува Моневска.


Фото: Pixabay

Во рамките на Светската метеоролошка организација, во регионалните центри со помош на т.н нумерички модели за прогноза на времето се изготвуваат прогнозите на времето. Тоа се всушност сетови на сите математички равенки кои се однесуваат на познатите природни закони за поврзаноста на параметрите во физиката на атмосферата. Според Моневска, нивното решавање во зададени временски и просторни чекори (резолуција) бара огромни компјутерски капацитети.

Сезонските прогнози се пробабилистички, односно се базираат на законите на веројатноста. Се однесуваат најчесто за идната сезона, а можат да бидат и полугодишни или годишни. На крајот се климатските сценарија, кои се однесуваат на идните децении или до крајот на овој век, а се во директна зависност од антропогените влијанија, т.е од концентрацијата на гасовите на стаклената градина кои се емитирани и од човековата активност.

За колку дена во иднина успешно се предвидува времето?

Главните разлики помеѓу временските и климатските модели се големи, иако во нивната основа лежи истиот сет на т.н. примитивни равенки и нивното интерактивно пресметување.

- Прогнозата на времето (успешно) предвидува околу 10 дена во иднина, додека климатскиот модел се интегрира напред во времето со повеќе месеци и години. Во моделите за прогнозата на времето се грижиме за тоа кога и каде се фронталните воздушни системи кои можат да доведат до промена на времето. Во климатски модел се добиваат временски услови, но не премногу точно каде, кога или какво ќе е времето, туку служи како долгорочна информација - објаснува Моневска.


Отстапување на сезонската количина на врнежи (%) (SEEVCCC-лето 2020)

Сезонската прогноза може да даде информација за просечната сезонска состојба во рок од три месеци на поширок регион, со очекувана температура. Не може да прецизира во одреден ден од тие три месеци какво ќе биде времето во некое село и колкава ќе биде точната температура на воздухот.

- Сезонските предвидувања честопати се прикажани како „терцилни (третински) веројатности“, кои се однесуваат на веројатноста дека можеме да очекуваме услови кои ќе бидат над нормалното, нормалното или под нормалните состојби. Над и под нормалното не се екстремни категории, туку секоја од нив се јавува просечно на една до три години. Овие категории се дефинирани врз основа на историските податоци за температурата на воздухот и количеството на врнежите. Без сезонска прогноза, претпоставуваме дека постои еднаква шанса дека условите ќе бидат во која било од трите категории - постои еднаква (33%) веројатност дека некоја од овие состојби ќе биде реализирана - вели Моневска.

Во сезонска прогноза се користат климатските модели за да се предвидат сезонските температури и врнежи од дожд, и ова предвидување се прикажува во прогнозата како зголемување на веројатноста во корист на една од овие состојби.

Каде се студира во Македонија

Развиени се неколку методи за сезонски предвидувања. Статистичките предвидувања ги пресметуваат односите помеѓу набљудувањата во минатото и ги користат овие односи за проектирање на условите за следната сезона. Аналогните методи ја споредуваат моменталната состојба на климатскиот систем со претходните години и претпоставуваат дека развојот на времето ќе биде сличен на оние години на кои во моментот потсетува. Динамичките методи за сезонски прогнози користат целосни, тродимензионални модели на климата за експлицитно симулирање на можни промени во атмосферата и океанот во текот на следните неколку месеци врз основа на сегашните услови.
- Еден од клучните влезни податоци во овие модели е, на пример, температурата на површината на водата во океаните. Таа може да биде потопла од нормалната и да се задржува таа топлина во текот на следните неколку месеци. Кога тие услови што се разликуваат од просечните (т.е. аномалии) се протегаат над голем дел од океанот, може да се влијае и врз воздухот над океаните. Анализата на температурите над океаните овозможува да се предвидат просечните услови за месеци однапред - објаснува Моневска.

Студиите по метеорологија кои постојат во сите држави најчесто се во рамките на факултетите за природни науки. Во Македонија, во изминатите години периодично се организирале студии по метеорологија на Институтот за физика, во рамките на Природно-математичкиот факултет во Скопје.


Фото: Институт за физика на ПМФ

- Покрај домашните професори, предавања одржуваа и легендарни експерти од странство, како професорите М. Чадеж од Словенија, М. Чуриќ, В. Гаврилов од Србија и др. Со завршувањето на студиите се добива диплома за дипломиран инженер метеоролог. Бидејќи метеорологијата како наука секојдневно се унапредува како резултат на напредокот на компјутерите, телекомуникациите, постојат огромен број меѓународни обуки и тренинзи кои ги организираат СМО, ЕУМЕТСАТ (Европска организација за сателитска метеорологија), Европскиот центар за среднорочна прогноза и други - објаснува Моневска.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема