X
 28.03.2024 Живот

Што е глад, кога официјално се прогласува и зошто им се заканува на Газа и Судан?

Милиони луѓе во Газа се на работ на глад и се борат да најдат каква било храна. Обединетите нации (ОН) предупредуваат дека тековната војна во Судан може да ја предизвика најголемата криза со глад во светот.

Што е глад и кога официјално се прогласува?

Глад се случува кога една земја има толку голем недостиг на храна, што на нејзиното население му се заканува акутна неухранетост, глад или смрт. Овој статус обично го прогласуваат Обединетите нации, понекогаш во соработка со владата на засегнатата земја, а често и со други меѓународни хуманитарни организации или агенции.

Гладот се одредува со помош на интегрираната класификација на фазите за безбедност на храната (ИПЦ) на ОН. Класификацијата го рангира недостигот на храна во земјата - или нејзината небезбедност, според пет „фази“ на сериозност, со гладот како петта и најлоша фаза. Но, за официјално да се прогласи глад, треба да се случат три работи во одредена географска област:

-најмалку 20 отсто од домаќинствата да се соочуваат со екстремен недостиг на храна
-најмалку 30 проценти од децата да страдаат од акутна неухранетост
-двајца возрасни или четири деца во популација од 10.000 да умираат секој ден „од директно гладување или поврзана неухранетост и болести“.

Зошто на Газа и Судан им се заканува глад

Според ОН, гладот е неизбежен во северниот дел на Газа, а може да се случи помеѓу март и мај 2024 година. Оваа состојба произлегува по неколкумесечниот конфликт меѓу Израел и Газа, по нападите на Хамас од 7 октомври.

Според класификацијата, половина од населението гладува, околу 1,1 милион луѓе. Во најлошото сценарио, целото население на Газа ќе биде изгладнето до јули 2024 година. ОН соопштиле дека Газа има „највисок процент на луѓе кои се соочуваат со високи нивоа на акутна несигурност во храната“.
Претставници на ОН, исто така, предупредуваат дека тековниот конфликт во Судан ја втурнал земјата во „еден од најлошите хуманитарни кошмари во поновата историја“, што може да ја предизвика најтешката криза со глад во светот.

Според Светската програма за храна на Обединетите нации (ВФП), речиси 18 милиони луѓе во Судан се соочуваат со акутен недостиг на храна, како резултат на граѓанската војна што избувна во април 2023 година. УНИЦЕФ наведува дека неухранетоста кај малите деца е „надвор од најлошите проекции“ и дека има епидемии на колера, сипаници и маларија.

На кои други земји им се заканува глад?

Хуманитарната група „Акција против гладот“ информира дека неколку други земји исто така имаат многу загрижувачки нивоа на глад. Тука спаѓаат Авганистан, Демократска Република Конго, етиопскиот регион Тигреј, Пакистан, Сомалија, Сирија и Јемен.

Светската програма за храна на ОН предупреди дека Хаити – која минува низ тешка политичка и економска криза и е во услови на влошување на насилството на локалните банди - е на работ на катастрофална криза со глад.

Околу 1,4 милиони луѓе се категоризирани како луѓе кои се на раб на глад, со уште три милиони на ниво под тоа. Ситуацијата со достапноста на храна на Хаити е опишана како алармантна.

Што предизвикува глад?

Според ИПЦ, кризите со глад и екстремна глад имаат повеќе причини - тие можат да бидат предизвикани од човечки, природни или, пак, комбинација од двата фактори. Од „Акција против гладот“ велат дека вооружените конфликти се клучна причина за глад низ светот. За во Судан го обвинуваат недоволното производство на храна, што пак предизвика високи цени. Тие наведуваат и дека актуелниот конфликт во Газа спречува достапност на храна, гориво и вода до луѓето, од кои зависи животот на таа територија.

Во северниот дел на Газа има речиси целосното отсуство на пристап на хуманитарните организации.

Меѓународниот комитет за спас (ИРЦ) посочува дека сушата и неуспешните посеви, предизвикани од екстремните временски услови, како резултат на климатските промени, доведуваат до широк недостиг на храна, особено во Источна Африка. „Ел Нињо“ - климатскиот модел кој опишува невообичаено затоплување на водните површини во Тихиот Океан, веќе има негативно влијание врз снабдувањето со храна во Југоисточна Азија и Латинска Америка.

Што се менува кога официјално се прогласува глад?

Прогласувањето глад не отвора можност за посебно финансирање. Сепак, тоа често предизвикува голем меѓународен одговор од ОН и светските влади, кои можат да обезбедат резерви на храна и да доделат средства за итни случаи. Некои хуманитарни агенции даваат решенија за неухранетоста. „Оксфам“ работи со партнерите во Газа за да испрати ваучери и пари за храна, како и средства за хигиена. ВФП, пак, работи во Судан за обнова на инфраструктурата, патиштата и училиштата.

Исто така, има и мобилни тимови за брз одговор, кои стигнуваат до луѓето во оддалечените области за да достават храна и друга помош. Многу агенции обично испорачуваат помош пред да се прогласи глад, само за да се избегне таквата состојба, обично кога земјата е класифицирана како трета или повисока фаза на ризик.

Каде порано биле прогласена состојба на глад


Последен пат глад бил прогласен во 2017 година во Јужен Судан. По три години граѓанска војна, речиси 80.000 луѓе се соочиле со глад, а уште еден милион биле на работ на глад. Во тоа време ОН ги потенцираа последиците од војната врз земјоделството. Земјоделците го загубија добитокот, растителното производство било значително спречено, а инфлацијата огромна.

Претходните состојби на глад ги вклучуваат оние во Јужна Сомалија во 2011 година, во Јужен Судан во 2008 година, во градот Годе во сомалискиот дел на Етиопија во 2000 година, во Северна Кореја во 1996 година, во Сомалија во 1991-1992 година и во Етиопија во 1954 година.

Помеѓу 1845 и 1852 година Ирска била погодена од глад, болести и емиграција, период познат како „Голем глад“. Се верува дека околу еден милион луѓе умреле кога посевите со компири, со кои се хранела третина од населението, биле уништени од болести, но извозот продолжил во Велика Британија, која во тоа време владеела со целиот остров.

Извор: bbc.com/serbian

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот