X
 28.04.2023 Живот

Арктичко село покриено со снег се натпреварува да биде домаќин на Летните олимписки игри

Идиличниот град Сала во финската провинција Лапонија, најстудениот град во земјата, се наоѓа во срцето на Арктичкиот Круг.

Градот е покриен со снег околу 7 месеци во годината, а идиличните сцени со снежна покривка, хаски и безгрижни ирваси го направија омилена туристичка дестинација за зимски туризам.

Но, денес Сала не е тоа што беше во минатото, така што градот одлучи да му го покаже тоа на целиот свет преку иновативна кампања, па се пријави да биде домаќин на Летните олимписки игри.

Температурата расте, зимата доаѓа подоцна и трае пократко

Кандидатурата одекна во светските медиуми и на тој начин помогна да се насочи вниманието на она што жителите на местото веќе подолго време го забележуваат. Климатските промени си го зедоа својот данок. Просечната температура е зголемена за 2,5 степени во споредба со пред 50 години, зимите доаѓаат подоцна и завршуваат порано.


Кампања за спасување и зачувување на уникатната арктичка природа

- Сакавме да ѝ дадеме лик на оваа важна кампања и важен проблем. Сала е опкружена со една од најголемите дивини во Европа. Прекрасната и уникатна арктичка природа е важна и сакаме да ја зачуваме за идните генерации. Исто така, со децении развиваме одржлив туризам во Сала и сакаме да ги охрабриме сите да преземат климатски акции - вели Пола Апсхолм, раководителка на одделот за туризам во Сала.

Сосема различен концепт: Со хумор за сериозни теми


- Идејата беше да се создаде нешто посебно, хумористично видео кое ќе има силна порака. Навикнати сме маркетингот да биде хумористичен. Немаме големи маркетиншки ресурси, па пораката мораше да биде претставена на поинаков начин за да добие широк публицитет низ медиумите - објасни Пола за почетоците на кампањата која се реализира во 2021 година.

Наместо снег, пристигнува песок за одбојка

Кампањата е навистина впечатлива. Прикажани се фински снежни пространства со нарација која објаснува дека наскоро тука ќе има песок, па може да се направи игралиште за одбојка, плажа за спортови на вода итн. Не требаше да помине многу време за видеото да стане вирално, а иницијаторите од Сала го постигнаа она што го сакаа - луѓето да почнат да зборуваат за климатските промени.

- Луѓето на почеток беа изненадени, се прашуваа зошто мало село на Арктикот се пријавува за домаќин на Летните олимписки игри. Подоцна, кога беше објаснето дека Сала сака да привлече внимание за климатските промени и нивните влијанија, меѓународните медиуми почнаа да објавуваат за кампањата - објаснува Пола.

Разговорите за климатските промени се зголемија за 879 отсто

- Не можеме сами да ги запреме климатските промени, но кога сите ќе ѝ се приклучат на кампањата, важни се малите акции - вели таа.

Кампањата достигна 7,5 милијарди прегледи низ светот, а над 900 статии беа објавени во 118 земји. Најважно е тоа што кампањата ги зголеми разговорите за климатските промени за неверојатни 879 отсто.

Загрозени се повеќе од 10.000 ирваси што живеат во Сала и околината


Пола вели дека климатските промени се видливи во секојдневниот живот во Лапонија.

- Ова е особено видливо во раните зими. Снегот паѓа две недели подоцна од претходно, има повеќе дожд и времето генерално е непредвидливо. Топлите периоди во средината на зимата предизвикуваат топење на снегот, кој потоа замрзнува. Повеќе од 10.000 ирваси живеат во Сала, а поради климатските промени, потешко наоѓаат храна. Исто така, загрижени сме поради новите инсекти кои се селат во нашите краеви поради растот на температурите. Тие ќе им наштетат на ирвасите - вели жител на Сала, додавајќи дека страдаат и птиците и вегетацијата во градот.

Декември е потопол за четири степени

Просечната годишна температура во Сала се зголеми за 2,5 степени. Од претходните -1,5 степени, до денешниот 1 степен.




Стоп за уништувањето на шумите и употребата на фосилни горива


Со оваа ефикасна кампања, Сала предупредува за климатските промени кои многумина и денес ги негираат.

- Секоја земја и секој народ мора да се приклучат кон климатските акции. Ослободете се од фосилните горива и запрете го уништувањето на шумите и мочуриштата. Неопходно е глобално намалување на прекумерната потрошувачка на енергија и стоки. Сала и Финска сами не можат да го решат проблемот. Потребни се глобални акции бидејќи поединец не може да се бори против климатските промени - вели Пола.



Извор: Putnikofer.hr
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот