X
 28.07.2021 Живот

Експерт за сон открива колку треба да трае вашата попладневна дремка

Да речеме дека работите од дома. Вашето утро е преполно со состаноци и расправии со децата. Доаѓа пладне, а вие едвај ги држите очите отворени.

Може да се напиете уште една шолја кафе, но тоа значи дека вечерта ќе се борите да заспиете. Па, размислувате за дремка. Слатко, хоризонтално ослободување од стресот и заморот. Но, дали дремката е добра идеја? Колку време треба да трае вашата дремка? Дали ќе можете да заспиете вечерта ако сте дремнале попладне?

Д-р Ребека Робинс, која е експерт за спиење, објаснува сѐ во врска со попладневниот сон, вклучувајќи и колку време треба да трае вашата дремка и зошто луѓето што страдаат од несоница не треба да спијат попладне.

1. Дремките можат да бидат добри за вашето здравје (но не треба да го заменат редовниот сон)

Постои силна биолошка тенденција кон поспаност попладне, вели д-р Робинс.

- Постојат неколку истражувања чии резултати даваат докази дека сите, кога работиме според нашиот природен распоред без мешање во животната средина (конференциски повици, одговорности за грижа за деца, итн.), сме поспани попладне и би дремнале доколку ни се даде можност - вели таа и додава дека постојат низа придобивки поврзани со дремките, вклучително подобрена будност, продуктивност, перформанси, па дури и краткорочна меморија. Сепак, дремките не треба да бидат замена за целосниот ноќен сон. Таа посочува дека дремките може да бидат помош за некои луѓе - особено за новите родители или работниците во смени - но дека тие треба да бидат додаток, а не замена за редовниот сон навечер.

2. Совршената дремка треба да трае 10 до 20 минути

Тајмингот е сè, а д-р Робинс укажува на истражувања чии резултати покажале дека 10 до 20 минути е совршена должина на дремката.

- Дремката што трае помалку од 10 минути не може да ви гарантира стимулативни ефекти, а дремката што трае 30 минути или повеќе може да ве испрати во зона на длабок сон, што ќе ви го отежни будењето -  забележува таа. Таканаречената „дремка што дава сила“ од околу 20 минути треба да биде доволна за да ви овозможи да го надминете попладневниот пад на енергијата без да посегнете по кофеин или други стимуланси што ќе го нарушат вашиот ноќен сон.

дремка
Фото: Freepik

3. Идеалното време за дремнување е помеѓу 14 и 16 часот

Сега знаете дека времетраењето на идеалната дремка е 20 минути, но дали е важно кога ќе биде вашата попладневна дремка? Да, според д-р Робинс. Идеалното време за попладневната дремка е помеѓу 14 и 16 часот.

- Нашата телесна температура опаѓа во текот на овие часови - вели д-р Робинс.

4. Не треба да спиете попладне ако се борите со несоница

Иако дремките можат да бидат корисни за многу луѓе, д-р Робинс предупредува дека единствената група што не треба да дремнува попладне се оние што се борат со несоница.

- За овие лица е подобро да не дремнуваат и да го изградат својот „притисок на спиење“, па кога ќе им дојде време за спиење, да бидат оптимално уморни и да имаат најголеми шанси да спијат навечер.

5. Дремките треба да се случуваат во исто време и на исто место секој работен ден

Конзистентноста е клучна. Д-р Робин вели дека дремнувањето во исто време и на исто место секој работен ден му дава можност на нашето тело да се навикне.

- Не само што ќе заспиете побрзо, туку и ќе научите да се будите без аларм - вели д-р Робинс.

Извор: Purewow.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот