X
 28.08.2021 Живот

Холанѓаните најмногу, Бразилците најмалку. Колку вежбаат луѓето низ светот?

Докажано е дека вежбањето е важно за здравјето, го намалува ризикот од деменција и го подобрува имунолошкиот систем. Меѓутоа, над половина од луѓето сметаат дека не вежбаат доволно, покажува глобално истражување спроведено од агенцијата „Ипсос“.

Во анкетата учествувале над 21.000 возрасни лица од 29 земји. Според резултатите од анкетата, луѓето се активни просечно 6 часа секоја недела, односно речиси еден час дневно.

Физички најактивни се жителите на Холандија, кои спортуваат просечно над 12 часа неделно. По Холандија следуваат жителите на Германија и Романија, кои спортуваат околу 11 часа. На другата страна од листата се жителите на Бразил, Јапонија, Италија, Чиле и Франција, кои спортуваат помалку од 4 часа неделно.

Секој трет жител на Јапонија изјавил дека воопшто не вежба. Само 4 отсто од жителите на Холандија изјавиле дека воопшто не вежбаат. На глобално ниво, 14 отсто од луѓето никогаш не спортуваат.



Над половина од луѓето на глобално ниво, односно 58 отсто, сакаат да спортуваат повеќе. Само 6 отсто изјавиле дека сакаат да спортуваат помалку. Главна причина за слабата физичка активност е недостигот на слободно време, како и недостигот на пари или временските услови, според анкетата.

Најпопуларна физичка активност во 29. земји што биле анализирани е фитнесот, по што следува џогирањето, возењето велосипед, играњето фудбал и пливањето. Рагбито и хокејот биле најмалку популарни спортови. Анкетата покажала дека мажите вежбаат просечно 90 минути неделно повеќе од жените.

Најактивни помеѓу мажите се Холанѓаните, а меѓу жените најактивни се Германките.

Извор: World Economic Forum
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот