X
 28.12.2023 Политика

На Малта градоначалници може да бидат и 16-годишници

На Малта, најмалата земја членка на Европската Унија (ЕУ), градоначалници може да станат и лица што имаат само 16 години. Островската држава со 440.000 жители стана првата земја во ЕУ што воведе таква можност. Ова беше овозможено со промена на изборниот закон, кој беше едногласно одобрен од парламентот во Валета оваа недела.

Според малтешките закони, кандидатите на победничката партија со најголем број гласови стануваат водечки претставници на градовите и општините. Граѓаните над 16 години веќе неколку години имаат право да се кандидираат и да гласаат на општинските избори во Малта. Но, до неодамна на шеснаесет- и седумнаесетгодишници не им беше дозволено да ги извршуваат функциите градоначалник и заменик-градоначалник, дури и ако мнозинството гласачи директно гласаа за нив. Сега овие правни пречки се отстранети.

Критичарите укажуваат дека тинејџерите попрво треба да размислуваат за продолжување на студиите веднаш по завршувањето на задолжителното образование наместо да се вклучат во изборните кампањи. Постои загриженост и за тоа како малолетниците ќе можат да го издржат притисокот на владата, градежните компании и лобистите.

Кога станува збор за парламентарни избори, дури и шеснаесетгодишници можат да гласаат на Малта, но не смеат да се кандидираат за функцијата.

Извор: Klix
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика