X
 29.11.2021 Живот

Вкупно 498 приправници ќе полагаат испит за да станат наставници

Постојат четири нивоа на кои наставниците може да напредуваат. Најпрво се станува приправник, па наставник, па по седум години наставникот може да стане наставник-ментор и наставник-советник. Во секое следно ниво месечната плата е сè поголема

Приправници што работат како наставници во основното образование во декември ќе полагаат посебен испит за да можат да се стекнат со звањето наставник. Годинава, како што информираат во Државниот испитен центар, институцијата која го организира испитот, поради пандемијата, ќе има три опции за полагање пред членовите на комисијата.

- Приправниците кога ќе започнат да работат во училиште со договор на определено време, една година мораат да се приправници, а потоа мора да полагаат посебен испит. Испитот се состои од повеќе активности, односно треба да знаат да одржат час, да го знаат законот и друго. Ако положат, добиваат уверение. Приправникот зема 20 отсто помала плата од наставникот - вели директорката на Државниот испитен центар, Елизабета Наумовска.

Откако приправникот ќе стане наставник, по истекот на две години мора да има работен стаж од две години за да го исполни условот за трансформација на договорот за работа, од договор на определено во договор на неопределено време.



Поради пандемијата и новите услови за работа, оваа година наставниците ќе може да го полагаат испитот на три начина, а не како во времето пред пандемијата - со присутност на надлежните во училниците на училиштата.

- Годинава ќе имаме три понудени можности за полагање. Првата е да се полага целосно онлајн, преку „Тимс“, втората опција е наставникот да биде присутен во училницата, а комисијата да го следи неговиот час онлајн, а третата опција е сите да бидат со физичко присуство. Која можност за полагање ќе се одбере, зависи од условите во секое училиште - вели Наумовска.

Постојат четири нивоа на кои наставниците може да напредуваат. Најпрво се станува приправник, па наставник, па по седум години наставникот може да стане наставник-ментор и наставник-советник. Во секое следно ниво месечната плата е сè поголема.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот